По четиригодишни истражувања, деновиве конечно започнаа конзерваторски активности во црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново, Преспа, црковен бисер од 12 век, светски познат по врвниот дострел во ѕидното фрескосликарство. Работата на терен започна откако експертите констатираа дека видно е намален процентот на влажност во објектот, откако пред извесен период беше поставен времен заштитен покрив над објектот.
„Прво ќе се работи на конзервација на фрескоживописот, па потоа настапуваме со конструктивна консолидација на градбата, препокривање, архитектурата треба да се направи со истите решенија што беа во времето на нејзината изградба, потоа конечно да се финализира конзервацијата на фрескосликарството“, изјави Ристо Палигора, историчар на уметност при битолскиот Завод и музеј.
Во моментов од Министерството за култура им е доделен еден милион денари, иако надлежните се надеваат дека во иднина износот ќе се зголеми тројно зашто со спецификација точно е утврдено колку средства им се потребни.
Во наредниот период конзеравторскиот проект ќе опфати и подготовка на предлог проект за изработка на инфраструктура на локалитетот околу црквата, којашто ќе овозможи Курбиново да прерасне во значаен туристички центар. Во тоа е вклучен францускиот архитект Ерве Декломенил, реномиран специјалист за заштита на споменично културно наследство во Франција.
„Ќе се обидам да придонесам со мојата експертиза за да може на најдобар начин да се случи таа реализација на нешто што е толку вредно“, рече Декломенил.
Неговото присуство во Македонија се реализира со поддршка на здружението „Македонида“ и Француската амбасада во земјава.
„Посебно ја сакам оваа црква во Курбиново. За период од осум месеци трипати ја посетив. Се надеваме дека по една сеопфатна анализа за ова историско богатство, ќе можат да се побараат европски финансирања и фондови со цел да се придонесе за реализација на вакви проекти. Објектот кој има големо значење во светската цивилизација и култура, па како такво место би требало да ги обедини сите европски земји“, рече францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
Во битолскиот Завод и музеј поставена е изложби на фотографии од уникатното ѕидно сликарство од црквата во Курбиново, наречена и македонската Мона Лиза, направени од студенти при универизтетот „Георг Аугуст“ во Гетинген, Германија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА