ПИСМОТО ОД УЕФА ЗА СУПЕРКУПОТ СЕДУМ ДЕНА ПАТУВАЛО ОД ФФМ ДО ВЛАДАТА, КАЖА РАШКОВСКИ

    ПИСМОТО ОД УЕФА ЗА СУПЕРКУПОТ СЕДУМ ДЕНА ПАТУВАЛО ОД ФФМ ДО ВЛАДАТА, КАЖА РАШКОВСКИРаботите на стадионот мора да завршат до 21 јули, бидејќи на 23 јули доаѓа финалната контрола која што ќе одлучи дали Суперкупот ќе се одржи во Македонија или нема да се одржи, кажа денеска Рашковски. (Фото: Влада)

    Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски кажа дека писмото од УЕФА од 15 јуни со недостатоците на стадионот „Филип Втори“ за Суперкупот патувало седум дена од Фудбалската федерација на Македонија до Владата.

    „Што правела ФФМ сите овие седум дена, зошто не го праќала и дали навистина има искрени намери сето ова да се одржи или едноставно ги прави работите да изгледаат покомплицирани, за после тоа да се докажуваме чија била вината. Загубата ќе биде на цела Република Македонија, на хотелиерите, на угостителските објекти, на репутацијата на земјата итн., нема да биде само на Владата на Република Македонија“, изјави Рашковски на денешната прес-конференција во Владата за Суперкупот на УЕФА, закажан за 8 август во Скопје.

    „Во извештаите на УЕФА, почнувајќи од септември 2015 година до последниот извештај од 15 јуни годинава, утврдено е дека недостатоците се провејуваат низ сите нив. Ако периодот од речиси две години не е доволен да се извршат бараните реконструкции и поправки, тогаш не знам кој период е доволен некој да ви укажува дека нешто не е во ред со самата организација“, изјави Рашковски.

    Тој рече дека работите на стадионот мора да завршат до 21 јули, бидејќи на 23 јули доаѓа финалната контрола која што ќе одлучи дали Суперкупот ќе се одржи во Македонија или нема да се одржи.
    Рашковски откри дека фирмата „Атриум“ од Вевчани, во сопственост на братот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, склучила договор со АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор за варосување на помошни простории на стадионот по цена од 10 евра од квадрат. Стадионот „Филип Втори“ е под надлежност на АДСДП, од каде што од Владата побарале алокација на околу два милиони евра за да може сите работи, како што велат тие, да бидат завршени, рече Рашковски.

    УЕФА на 15 јуни испратила писмо до Фудбалската федерација во кое бара пишани и финансиски гаранции од македонската влада со кои што ќе потврди дека работата на стадионот „Филип Втори“ ќе биде комплетирана најдоцна до 21 јули за се да биде подготвено за Суперкупот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на 8 август. Во писмото, до кое што дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, се наведени сите недостатоци на стадионот, кои што треба да бидат санирани до споменатиот датум, кога во Скопје ќе дојде инспекција на УЕФА.

    УЕФА БАРА ОД ВЛАДАТА ФИНАНСИСКИ ГАРАНЦИИ ДЕКА СТАДИОНОТ КЕ БИДЕ СПРЕМЕН ЗА РЕАЛ-МАНЧЕСТЕР ДО 21 ЈУЛИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира