Утрово, неколкумина скопјани спасија коњ пропаднат во отворена шахта за атмосферска канализација од обиколницата кај Кучевачка Бара. Во спасувачката мисија учествувале багерист и велосипедисти кои случајно го забележале пропаднатиот коњ, кому над земја му се гледала само главата.
„Застанавме да помогнеме. Животното беше преплашено ама мирно. Мештаните веќе беа викнале багерист и се обидуваа со еден каиш да го извлечат коњот, но тој не можеше да отскокне на задните нозе, шахтата беше многу длабока. Го галев додека чекавме да донесат уште каиши за да го врземе. Беше мирен и збунет. Успеавме да го извлечеме жив и здрав, нема скршеници“, вели велосипедистот Марјан Доцевски кој успеал и да ја слика спасувачката мисија.
Мештаните апелираат надлежните да стават решетка на длабоката шахта бидејќи патот често го користат, а таму постојано велосипеди возат деца.