ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДВЕ ГОДИНИ ИСТРАЖУВА КОЈ ЈА ПУШТИЛ СНИМКАТА СО ЗАЕВ НА ЈУТЈУБ, ОДБРАНАТА БАРА ДА БИДЕ ИЗЗЕМЕНА ОД ДОКАЗИТЕ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДВЕ ГОДИНИ ИСТРАЖУВА КОЈ ЈА ПУШТИЛ СНИМКАТА СО ЗАЕВ НА ЈУТЈУБ, ОДБРАНАТА БАРА ДА БИДЕ ИЗЗЕМЕНА ОД ДОКАЗИТЕПремиерот Зоран Заев по излегувањето од Судот побара да биде објавена целата снимка, која, според него, на две места била масакрирана и спремена за на социјалните мрежи за негова јавна осуда. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев утрово седна на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1, каде одбраната на почетокот на судењето побара доказите од посебната истражна мерка против тогашниот градоначалник на Струмица Заев, да биде повлечена, бидејќи беше објавена на Јутјуб.

    „Според Законот за кривична постапка секое лице кое на кој било начин располага со сознанија од ПИМерка, должно е да ги чува како службена тајна. Произлегува дака некое службено лице извршило кривично дело оддавање на службена тајна. Второ, доказите прибавени со оваа мерка се брутално кршење на правата на Заев, но и на приватноста, бидејќи според наредбата за следење и снимање, било нагласено тоа да се случува надвор од домот и од деловниот простор. Бараме судот, по примерот на судијката Татјана Михајлова, да одлучи во оваа постапка да ги изземе снимките од ПИМерките и да даде право на жалба”, рече адвокатот на Заев Филип Медарски.

    Застапникот на обвинението Владимир Милошевски пак, рече дека во тек е истрага дали објавените снимки на Јутјуб и на медиумите се исти со оние на цедето предложени како доказ дека Заев бара поткуп од струмички бизнисмен за приватизација на градежно земјиште, кој го сторил тоа, на кој начин го прикачил видеото…  Истрагата, рече, уште е во тек.

    На забелешка на судијката Дијана Груевска деке уште пред две години излезе таа снимка на Јутјуб, обвинителот Милошевски рече дека постапката е интерна и тајна и не може да дава детали кој ја објавил таа снимка на социјалните мрежи.
    Судот ќе одлучува за валидноста на снимката. Одлуката ќе треба да стане правосилна.
    Судењето се одложи за 27 септември.

    Обвинетиот Заев по завршувањето на рочиштето рече дека сака да биде објавена целата снимка, која, според него, на две места била масакрирана и спремена за на социјалните мрежи за негова јавна осуда. Од целосната снимка ќе се види дека немало ниту обид, ниту земање поткуп, рече тој.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира