ИНИЦИЈАТИВА ЗА РЕФЕРЕНДУМ И ПРОТИВ РУДНИКОТ ИЛОВИЦА ВО СТРУМИЧКО

    ИНИЦИЈАТИВА ЗА РЕФЕРЕНДУМ И ПРОТИВ РУДНИКОТ ИЛОВИЦА ВО СТРУМИЧКОЗдружението „Здрава котлина“, кое ја води иницијативата против изградба на рудници во струмичко, ја почна кампањата (Фото: СДК.МК)

    Граѓанските активисти против рудници од струмичко го кренаа гласот и бараат општините од регионот да донесат одлука за референдумско изјаснување на граѓаните за рудникот што треба да се гради над селата Иловица и Штука. Иницијативата ја доставија до Босилово, општината каде треба да никне рудникот за бакар и злато на компанијата „Еуромакс“ на планината Огражден. Побараа Советот на Општина Босилово да донесе одлука граѓаните директно да се изјаснат дали треба да се отвори овој рудник, кој е во фаза пред почнување со работа.

    По двочасовна расправа, советниците се прогласија за ненадлежни, но сепак оставија простор за активистите преку собирање на потписи да ја започнат постапката.

    По двочасовна расправа, советниците на Општина Босилово се прогласија за ненадлежни, но сепак оставија простор за активистите преку собирање на потписи да ја започнат постапката за референдум (Фото: СДК.МК)

    „Ја оставаме можноста иницијаторите за референдум да ги соберат почетните потписи за референдумско изјаснување. Како Совет немаме ингеренции за носење одлука поврзана за рудникот за кој целата постапка, околу дозволите ја водат министерствата и Владата“, рекоа советниците.

    Од здружението „Здрава котлина“, кое ја води иницијативата против изградба на рудници во струмичко, тврдат дека ќе ја започнат постапката за собирање на 100-те потписи со кои пред локалните власти ќе бараат зелено светло за распишување референдум преку граѓанска иницијатива со собирање на минимум 20 отсто потписи од граѓаните со право на глас.

    „Ќе ги собереме потребните потписи и пред советниците ќе објасниме зошто сме за референдум. Остануваме на ставот дека граѓантие не се доволно информирани за овој проект. Ни ветија дека нема да застанат на нашата иницијатива и од градоначалникот и претседателката на Советот“, рече Стојан Велков од „Здрава котлина“.

    За рудникот кај Иловица компанијата „Еуромакс“ има добиено концесија за експлоатација. Во изминативе години оваа компанија ги донесе сите студии и елаборати согласно законската регулатива. Од таму тврдат дека главен приоритет ќе им биде заштитата на животната средина согласно мегународните еколошки нормативи. Велат дека се отворени и стојат на располагање на сите граѓани за какви било информации поврзани за овој проект.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира