Владата го разреши директорот на Државниот архив Филип Петровски на денешната седница и на неговото место го постави Кирил Петров. Новиот директор на Државниот архив е скопски адвокат и доаѓа од партијата Нова Алтернатива на Ѓорѓи Оровчанец, коалиционен партнер на СДСМ.
На истата седница беа направени уште неколку други кадровски промени. Нов директор на Агенцијата за администрација е Спасе Глигоров, досегашен раководител на секторот за човечки ресурси во Општина Струмица. Тој доаѓа на местото на разрешената Жаклина Николовска. Потпретседателот на Социјалдемократската младина Дарко Каевски е нов директор на Агенцијата за млади и спорт, со која што досега раководеше Марјан Спасески.
Апостол Симоновски, новиот директор на Државниот завод за статистика и досега работел во институцијата што ќе ја предводи, а разрешена е Лидија Костовска. Претседателот на општинската организација на СДСМ од Куманово Мартин Костовски доаѓа на директорската позиција во Службен весник на местото на Лука Кржалоски.