ГРУЕВСКИ И ЖЕРНОВСКИ ДЕНЕСКА ВО СУДОТ ЌЕ СЕ СООЧАТ ЗА ШАМАРИТЕ

    ГРУЕВСКИ И ЖЕРНОВСКИ ДЕНЕСКА ВО СУДОТ ЌЕ СЕ СООЧАТ ЗА ШАМАРИТЕЕкспремиерот Никола Груевски и градоначалникот на Центар Андреј Жерновски требаше да се соочат на 3 мај, но тогаш судењето беше одложено поради отсуство на дел од обвинетите. (Фото: СДК.МК)

    По неуспешниот обид да почне судењето на 3 мај против експремиерот Никола Груевски, првообвинет за насилствата и шамарите во Центар, и уште 13 обвинети, денеска треба да се одржи ново рочиште во Основниот суд Скопје 1. Минатиот пат дојдоа 20-тина оштетени и сведоци за кршењето на општината во 2013 година. За првпат се појави градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, за кого според прислушуваните материјали од бомбите на СДСМ, Груевски нарачувал да влезе некој и да му удри пет-шест јаки шамари, за што ќе одговарал, според него, само прекршочно.

    Дојдоа и многу советници од СДСМ, но судењето судијката Татјана Михајлова го одложи, затоа што не дојдоа дури петмина од обвинетите.
    Тоа воедно беше и првпат да не дојдат обвинети на закажаните рочишта, на кои што со месеци се одвиваше само подготвителна расправа. На 3 мај со повикувањето на оштетените и сведоците, се знаеше дека ќе почне фактичкото судење и за првпат отсуствуваа обвинети.

    Неизвесно е дали и денеска ќе бидат сите на број, што е услов да се одржи рочиштето.
    Минатиот пат, специјалниот обвинител Гаврил Бубевски побара веднаш да се приведат сите обвинети, кои не го оправдаа отсуството. Одбраната се противеше. Дел од обвинетите, рекоа адвокатите, се отсутни од здравствени причини.

    Бубевски упорно бараше да се спроведе приведувањето, зашто недоаѓање на дел од обвинетите, е сигурна гаранција дека ќе се одложи еден судски процес, без разлика дали останатите обвинети се присутни. Судијката Татјана Михајлова не постапи по барањето на Бубевски.

    Жерновски тогаш го обвини Груевски дека „кукавички се сокри зад отсуството на дел од обвинетите за да се одложи процесот“. Тој го нарече „насилник и нарачател на насилства, како на тие во Општина Центар, така и на крвавите насилства во Собранието“, кои се случија на 27 април, неколку дена пред тоа судење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира