Облаци прашина се креваат на скопскиот булевар Борис Трајковски во делот околу фабриката „Охис“, каде што во тек е проширување. И покрај градежните активности, сообраќајот не е запрен ниту пак пренасочен, но скопјани се жалат дека често градежните машини им го попречуваат патот па им треба и по десетина минути за да ги поминат критичните два километри. Бараат Град Скопје да обезбеди повеќе цистерни со вода кои ќе го полеваат патот за да не голтаат прашина или алтернативен пат додека траат градежните активности.
Град Скопје апелира на трпеливост.
„Булеварот Борис Трајковски во оваа трета фаза се реконструира и проширува на потегот од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри. Инвестиција изнесува 228.164.592 денари со вклучен ДДВ, или 3,7 милиони евра. Интензивно се работи на овој булевар кој треба да биде готов наскоро, затоа што се во тек финалните земјени работи, по што ќе следува асфалтирањето на целиот новоформиран профил на булеварот. Поголеми застои во сообраќајот нема и изведувачите треба да овозможат непречен тек на сообраќајот и безбедни услови за движење и во вакви метеоролошки услови. Алтернативни правци не може да се воспостават, а дел од граѓаните ја користат локалната сообраќајна мрежа за побрзо движење и избегнување на метежот“, велат од Град Скопје.
Градежните работи за оваа делница од булеварот Борис Трајковски почнаа на крајот на 2015, а почетокот заеднички го означија градоначалниците на Град Скопје и на Општина Кисела Вода, Коце Трајановски и Билјана Беличанец-Алексиќ, тогашните премиер Никола Груевски, министер за финансии, Зоран Ставрески, пратеници од Собранието, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, членови на Советот на Град Скопје и на Општина Кисела Вода, директори на јавните претпријатија и граѓани. За проширувањето Град Скопје се задолжи, односно потпиша договор за под заем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка.
Изведувач на градежните работи е конзорциумот составен од компаниите „ДГ Бетон АД”, „Бауер БГ” и „Понстрој инженеринг ЕАД”, а рокот на изведба е 18 месеци кои истекуваат месецов.
Од Градот велат дека нема доцнење во изведувањето на градежните рабти. Со реализацијата на овој проект, Борис Трајковски ќе има булеварско решение со вкупна должина од 4.700 метри. За претходните фази од проширувањето на булеварот беа потрошени 4 милиони евра.
Градоначалникот Трајановски најави дека по завршувањето на оваа фаза, ќе следи финалната фаза, која предвдува проширување на Борис Трајковски од населбата Пинтија до Драчево.