СУДОТ ИМ ГИ ОДЗЕДЕ ПАСОШИТЕ НА ЛАТАС И ИВОНА, ОДЛУКИ ЗА БАРАЊАТА НА СЈО ЗА ПРИТВОР И УТРЕ

    СУДОТ ИМ ГИ ОДЗЕДЕ ПАСОШИТЕ НА ЛАТАС И ИВОНА, ОДЛУКИ ЗА БАРАЊАТА НА СЈО ЗА ПРИТВОР И УТРЕИвона Талевска и Драган Павловиќ Латас се обвинети во предметите „Тифани“, „Тревник“ и „Тотал“.

    Кривичниот совет во Oсновниот суд Скопје 1 по пречекорување на законскиот рок од 24 часа, одлучи по дел од барањата за мерки притвор за 18 лица и за мерки на претпазливост поднесени од Специјалното јавно обвинителство. Засега е одлучено пратеникот од ДУИ Ејуп Аљими и Исмет Гури да не добијат притвор, а да им бидат одземени патните исправии на обвинетите Ивона Талевска, Драган Павловиќ-Латас и на неговиот брат.

    Во досегашните сработени предмети, кривичниот совет ги одбил сите барања за мерки притвор. Кривичниот совет ги сработел само следниве барања за притвор и мерки за претпазливост и го има одлучено следново:

    За случајот „Тифани“ Кривичниот совет го прифатил барањето за определување мерки за претпазливост против Ивона Талевска, под обвинение дека сторила кривично дело – Даночно затајување од член 279 ст.2. Таа, според соопштението од Основниот суд Скопје 1, има обврска секој работен понеделеник во месецот да се јавува кај надлежно службено лице во Кривичниот суд. Неа привремено ѝ е одземен и пасошот и не смее да ја напушти државната граница, пишува Кривичниот суд.

    За случајот „Тревник“, Кривичниот совет прифатил мерки на претпазливост за Драган Павловиќ Латас и неговиот брат, идентични како тие за обвинетата Ивона. Двајцата се обвинети за кривично дело Бесправно градење од член 244 – а ст.1 од КЗ.

    Предлогот на СЈО поврзан со предметот „Тотал“, за определување мерка притвор против Драган Павловиќ-Латас, обвинет за Даночно затајување од член 279 ст.2 в.в со ст.1 в.в со ст.45 од КЗ, Кривичниот совет го одбил како неоснован. Одредени му се мерки на претпазливост Забрана за преземање на определни работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

    Кривичниот совет ги одбил предлозите на СЈО за одредување мерка притвор против обвинетиот пратеник на ДУИ Ејуп Аљими во случајот „Титаник“, за кривично дело – Уништување на изборен материјал од член 164 ст.3 в.в ст.1 од КЗ, и против обвинетиот член на истата партија Исмет Гури, обвинет за истото кривично дело, како неосновани.

    За „Тортура“, кривичниот совет прифатил пет мерки за претпазливост против Ивица Антевски – Пуки и останатите обвинети за Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување (Н.С.,Ф.А., П.М., Ј.Б. и М.Ш.). На Пуки му е одредена и забрана да се приближува или воспоставува односно одржува врски со друго лице, наведено во решението.

    Против овие решенија дозволено е право на жалба во рок од 3 дена од приемот на решението преку овој суд до Апеалциониот суд.

    „Во однос на предлозите од СЈО кои веќе се распоредени и се во работа пред Кривичните совети од одделението за Организиран криминал и корпуција, по писмена изработка на одлуките и нивно доставување до странките, јавноста ќе биде дополнително информирана во текот на утрешниот ден“, вели Основниот суд Скопје 1.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира