Комеморацијата за некогашниот германски канцелар Хелмут Кол, кој почина на 16 јуни на 87 годишна возраст се одржа во Стразбур, во седиштето на Европскиот парламент, во Франција, во пограничното подрачје со Германија.
Ова е прв пат централната комеморација за некој европски државник да се одржува во друга држава. И ковчегот со посмртните останки на германскиот државник беше покриен со знамето на Европската унија.
Хелмут Кол беше германски канцелар од 1982 до 1998 година и се смета за автор на германското обединување и главна движечка сила на обединета Европа.
На комеморацијата учествуваа делегации од 40 држави, меѓу кои и рускиот премиер Димитриј Медведев, поранешниот американски претседател Бил Клинтон, израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск…
Македонија на комеморацијата во Стразбур ја претставуваше вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Германската канцеларка Ангела Меркел, која беше министерка во Владата на Кол рече дека тој ги измени животите на милиони луѓе низ Европа. „Тој работеше на германското обединување додека другите се двоумеа“, рече таа и потсетувајќи се на нејзиниот политички ментор кажа дека неговата мотивација била никогаш повеќе да нема војна во Европа. „На нас останува да го заштитиме неговото наследство“, рече Меркел која во деведесеттите ја викале „девојчето на Кол“.
Сопругата на Кол, 35 години помладата Мајке Рихтер, со која тој тајно се венчаше во 2008 година, наводно сакала да и забрани на Меркел да зборува на комеморацијата затоа што актуелната германска канцеларка остро го критикувала по неговото повлекување поради тајни фондови за финансирање на нивната партија ЦДУ. Германските медиуми остро ја критикуваа Мајке дека сака да го претвори испраќањето на Кол во гротеска со нејзиниот егоизам. Ја нарекуваа „љубоморен чувар на политичкото наследство на Хелмут Кол“.
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон рече: „Хелмут Кол ни даде шанса да бидеме учесници во нешто што е многу поголемо од нас самите“.
Неговите посмртни останки по комеморацијата во Франција беа пренесени со брод по реката Рајна до германското гратче Шпејер каде што ќе биде погребан.