Министерството за здравство смета дека новиот клинички центар во Скопје треба да биде надвор од градското подрачје, но да биде лесно достапен како за скопјани, така и за жителите од другите градови. Од Министерството велат дека во моментов во тек е внатрешна ревизија на проектот за изградба на нов клинички центар.
„Ставот на Министерството за здравство е дека новиот клинички центар треба да биде надвор од градското подрачје. Во тек е дискусија за можната локација на новиот клинички центар. Постоечкиот проект е само една зграда, што ќе се поврзува со останатите и повторно ќе остане проблемот со пристапот и со паркирањето. По завршување на внатрешната ќе следи надворешна ревизија на проектот. По завршување на ревизиите ќе донесеме одлука што конкретно ќе преземеме за проектот“, велат од Министерството за здравство.
Оваа ревизија Министерството за здравство ја почна откако Владата минатата недела донесе одлука да се преиспита целиот договор за изградба на новиот Клинички центар на местото на поранешната зграда на Клиниката за гинекологија. Договорот за изградба на клиничкиот центар вреден 72 милиони евра на 19 мај годинава го потпиша поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кој тогаш беше технички министер и три дена откако претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот на Зоран Заев да состави нова Влада. Според договорот, клиничкиот центар ќе го градат домашните градежни компании Гранит и Бетон и италијанската компанија Инсо Системи, а за негова изградба поранешната Влада се задолжи кај Банката на Советот на Европа.
Новата Влада пак одлучи да го преиспита проектот, откако на минато неделната седница во информацијата од Министерството за здравство биле нотирани повеќе проблематични делови во врска со постапката за негова реализација, локацијата и други прашања поврзани со проектот. Владата одлучи премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Арбен Таравари и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи да одржат состанок со претставници на Европската централна банка за да се најде соодветно и трајно решение за новиот Клинички центар
ВМРО-ПМНЕ пак вчера соопшти дека ако се прекине проектот во ветер ќе отидат 72 милиони евра, бидејќи парите се веќе обезбедени и потпишани се договори. Министерството за здравство пак одговори дека во ниеден момент не кажале дака градбата на новиот клинички центар ќе биде запрена, туку дека се прави ревизија за да се најде трајно решение.
„Сметаме дека сегашниот проект нуди само краткотрајно решение“, велат од Министерството за здравство, од каде најавија дека во текот на утрешниот ден ќе излезат со целосен став.