Спогодбата за признавање на вина на разузнавачот Ѕвонко Костовски, единствениот осуден во предметот „Пуч“, за кој што случај специјалната обвинителка Катица Јанева како надлежна го повлече обвинението уште на 18 јануари годинава, пак не му е даден на СЈО, туку на Основниот суд Скопје 1, кај што Костовски е осуден. Така денеска одлучи Советот на јавни обвинители, а образложение зошто спогодбата и натаму не му се дава на Специјалното јавно обвинителство кое што беше надлежно за „Пуч“, претседателот на Советот Петар Аневски, денеска не даде пред новинарите.
Стејт департментот во извештајот за човековите права и слободи за минатата година го нотира и мистериозниот случај на разузнавачот Ѕвонко Костовски, кој е осуден на тригодишна затворска казна за помагање во нелегално прислушување, а покрај Зоран Верушевски и сопругата Соња Верушевска, беше обвинет и премиерот Зоран Заев, како тогашен лидер на опозицијата. До денеска, никој во јавноста не ја видел таа спогодба на Костовски и Јавното обвинителство на Марко Зврлевски, па дури ни Врховниот суд, кој од октомври лани чека предметот да дојде таму и конечно да почне да се разгледува Барањето за заштита на законитоста на постапката.
Дали таа спогодба на Костовски со обвинителството на Зврлевски е законска или не, СЈО побара да испита Врховниот суд со поднесување БЗЗ. Сега, кога конечно се знае каде е мистериозната спогодба, Основниот суд Скопје 1 треба да му го даде предметот на СЈО. СЈО потоа треба да го однесе предметот сосе спогодбата во Врховниот суд, за да може конечно да се утврди како е таа направена. Ако не е законска, одговорноста ќе падне на обвинителот кој беше надлежен за згаснатиот случај „Пуч“ и кој го присилил Костовски да ја потпише.
„Извештајот на експертската група на Европската комисија од јуни 2015 година покрена сомнежи дали била фер пресудата за Звонко Костовски, обвинет во т.н. случај „Пуч“. Костовски, контраразузнавач во МВР, призна дека е виновен за шпионажа и нелегално пресретнување на комуникации и беше осуден на три години затвор. Костовски тврдел дека тој ги снимил компромитирачките разговори со цел лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев да го уценува поранешниот премиер Никола Груевски да ја вклучи СДСМ во владата. Во извештајот, експертската група (на Прибе н.з.) изрази сомнеж дека било невозможно да се знае до кој степен фактите ја поткрепувале спогодбата и дали малата казна изречена од судијата била награда за учество во заташкување на вклученоста на други“, се наведува во извештајот на Стејт Департментот.
С. К. ДЕЛЕВСКА