Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска не е задоволна од бројот на војници кои доброволно се одлучија да го отслужат воениот рок во АРМ. Таа денеска во велешката касарна ,,Алексо Демниевски – Бауман“, каде што 32. генерација војници доброволци, даде свечена заклетва, порача дека ќе работи доброволците во АРМ да ги има повеќе.
„Доволно сум возрасна да се сеќавам на едни вакви полигони, но кои што беа многу пополни, кога се отслужуваше редовно обврзан воен рок. Сакам да го зголемиме бројот на наши млади, кои што ќе изберат и доброволно да го служат рокот и кои ќе изберат кариера токму во Армијата на Република Македонија. Со Вашиот избор ни давате сила да продолжиме да го зголемуваме интересот“, кажа министерката Шеќеринска.
Таа посочи дека со овој нивен избор им се отвора вратата, како и на многумина од нивните претходници, да можат да продолжат како професионални војници во редовите на АРМ.
Денес во касарната во Велес, во Команда за обука и доктрини, воен рок доброволно започнаа да служат 54 млади, а од нив 10 девојки. Досега во редовите на АРМ за овие 10 години доброволен воен рок отслужиле околу 4,8 илјади војници. На денешната свеченост, дел од доброволците беа штотуку завршени средношколци, со наполнети 18 години. Тие наспроти нивните школски другари, кои летово ќе се освежуваат по летните одморалишта, решија да заминат доброволно во АРМ. На прашањето зошто е ова нивен избор, Ангела Георгиевска од Кратово рече ,,дојдов тука да учам воени вештини, на мое големо задоволство“. (П.П.)