По жалбата на Ивона Талевска, во судницата во Апелациониот суд Скопје на ред дојде жалбата на обвинетиот бизнисмен и новинар Драган Павловиќ Латас, кому покрај тоа што му е одземен пасошот поради опасност од бегство, има и забрана да врши дејности во неговите четири фирми. Истовремено и СЈО поднесе жалба, со која што останува на барањето за притвор против Латас.
Основниот суд Скопје 1 оценил дека Латас често патувал во странство, дека сторил тешко кривично дело од областа на финансиите и оти поради тоа може да избега од Македонија и да ја избегне постапката против него. Одбраната во жалбата приложила дека Латас бил многу редовен на поканите од Специјалното јавно обвинителство и оти соработувал со овој орган. Изнесе и други факти како: дека е семеен човек, има потреба од патувања во странство, дека е главен и одговорен уредник на ТВ Сител и слично.
Обвинителот Гаврил Бубевски, пак, остана на ставот дека Основниот суд Скопје 1 згрешил во видот на мерката на претпазливост против Драган Павловиќ Латас и побара Апелациониот суд Скопје да му одреди притвор.
„Не прифаќам дека сум заслужил јас да добијам мерка притвор, зашто сум соработувал со СЈО. Немам имот и сметки во странство, освен во Македонија. Професор сум и гостувам често и во странство. Не сум кривично осудуван. Со притвор, правите голема штета, Сител не може да најде човек што ќе ме наследи”, бараше Латас да не добие притвор, но си го побара и пасошот назад.
„За мене е неприфатливо да бидам ставен во ист кош со 20-тина други обвинети, за кои се зборува дека извршиле проневера на милионски суми пари“, рече Латас.
Латас во случајот „Тотал’ е обвинет за финансиски криминал и затајување на данок од 164 илјади евра преку неговите 4 фирми. Според обвинението, со лажирање на книговодствената евиденција на неговите фирми, Павловиќ како сопственик и управител, ја намалил основицата за пресмерување на данокот на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на ДДВ и не пријавил лични приходи што им е законска обврска.
С. К. ДЕЛЕВСКА