СЈО БАРА ПРИТВОР ЗА ОБВИНЕТИТЕ ЈАКИМОВСКИ И ГРУЈОВСКИ ВО „ТВРДИНА“ И “ТАРГЕТ“ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА

    СЈО БАРА ПРИТВОР ЗА ОБВИНЕТИТЕ ЈАКИМОВСКИ И ГРУЈОВСКИ ВО „ТВРДИНА“ И “ТАРГЕТ“ ПРЕД АПЕЛАЦИЈАТони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, се жали пред Апелација и си го бара пасошот назад (Фото: Ѓ. Личовски)

    Притвор за второобвинетиот во случаите „Тврдина” и „Таргет” Тони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, побара денеска Специјалното обвинителство и пред Апелациониот суд Скопје. Но, жалба против одлуката на Основниот суд Скопје 1 да му биде одземен пасошот во замена за мерката притвор, поднел и Јакимовски, кој си го бара назад.

    Обвинителката од СЈО Ленче Ристоска, на денешната расправа во Апелација укажа на можноста од бегство на Јакимовски, кој работи во СЕЛЕК центарот во Романија. Тој е генерален директор на југоисточниот центар за спроведување на законот.

    „Нејасно е зошто Основниот суд Скопје 1 не му го одзеде и дипломатскиот пасош на обвинетиот. Судот образложува дека овој пасош обвинетиот можел да го користи само за својата работа во Романија. Зошто да не може да го искористи и за друго патување, за бекство?”, праша Ристоска.

    Нема опасност од бекство, тврди одбраната на Јакимовски. Ако добие притвор како што бара СЈО, обвинетиот ќе ја изгуби работата во Романија, стои во жалбата на Јакимовски.

    Ристоска му укажа на судот дека постои опасност да избега Јакимовски кон крајот на постапката.

    Покрај одземениот пасош, Јакимовски треба секој месец да се јавува од први до петти. Оттаму, обвинителот Трајче Пеливанов праша дали во иднина според овој термин ќе се темпираат и судењата?  Поради тежината на кривичните дела и обемот на предметите, СЈО остана на барањето веднаш со мерка притвор да се обезбеди присуството на Јакимовски.

    „Не се чувствувам виновен и немам зошто да бегам. Нека посведочи СЈО, ниеднаш не сум одбегнал покана од нив”, рече Јакимовски.

    Второобвинетиот Горан Грујовски не дојде. Неговите бранители рекоа дека е на боледување, бидејќи има зголемен крвен притисок. СЈО  во жалбата бара притвор за Грујовски, поради опасност од бегство и влијание врз сведоците.  Тој пак, си го бара пасошот назад.

    Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1, ги одби барањата на Специјалното јавно обвинителство на обвинетите Сашо Мијалков, ексдиректор на УБК, на ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, на шефот на кабинет на Мијалков Тони Јакимовски и на уште еден обвинет од Управата да им биде одреден притвор. Место тоа, советот одлучи како мерка за претпазливост да им бидат одземени пасошите, со обврска еднаш во неделата да се јавуваат на надлежно лице во Основниот суд Скопје 1.

    Уште тројца обвинети за нелегалното прислушување ја добиле истата мерка.

    На 18 ноември СЈО кажа дека од одземената архива од третиот систем за следење на комуникациите, кој сѐ уште се користи во УБК, утврдено било дека незаконското прислушување продолжило и по објавувањето на аферата со прислушувањето од лидерот на опозицијата Зоран Заев, но и во текот на 2016. СЈО тогаш отвори истражна постапка со кодно име „Таргет“ против десет лица од УБК кои се сомничат дека незаконски прислушувале 5.827 телефонски броеви.

    Преку три системи за следење на комуникациите во УБК, од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Следена била и комуникацијата пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви“, кажа тогаш обвинителката Фатиме Фетаи.

    Во периодот од 2008 до 2015, УБК користела три различни системи за прислушување. Два од нив незаконски се уништени, за што има и обвиненија во случајот „Тврдина“, кој сега е споен заедно со „Таргет“.

    За прислушувањето на телефонски броеви на владини функционери, коалициони партнери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, политичари, бизнисмени и новинари, без судска наредба или по завршување на периодот назначен во судска наредба, обвинети се три раководни лица од УБК и седуммина од пониските ешалони во Управата. Тие имале и лозинки за да влезат и сами во трите система за прислушување во УБК, а Грујовски, и по уништувањето на двата система, продолжил и натаму да го организира незаконското следење на комуникациите преку третиот систем и на компјутерот во канцеларијата ги слушал разговорите на таргетираните лица.

    СЈО до поднесувањето на обвинението, не доби одговор од третиот оператор, Телеком.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира