Договорот со Бугарија отвара сериозни перспективи за Макеоднија и Македонија ќе има големи придобивки, уверува премиерот Зоран Заев по барањето на опозицијата за него да се расправа на итна седница на Собранието.
„Договорот ќе биде склучен и конечен кога ќе го ратификува парламентот“, изјави Заев во петокот во Штип.
Договорот за добрососедство треба да го потпишат премиерите на двете држави Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август во Скопје.
„Парламентот гласа. Ако е нешто на штета на Македонија, парламентот има одговорност директно пред граѓаните и да не се плашиме, тој парламент нема да гласа. Ако е нешто добро за Република Макеоднија парламентот ќе гласа. Сакам да знаете дека јас, како упатен политичар кој што и понатаму бара поддршка од граѓаните, нема да дозволам влакно да и фали на Македонија во нејзините перспективи“, изјави Заев и додаде дека „договорот е севкупен бенефит за сите наши граѓани, затварање на едно поглавје што беше проблематично, во најава на една влада која што сака да решава проблеми и да отвара перспективи за граѓаните“.
„Јас сум радосен што седевме и власт и опоозиција, и Македонци и Албанци и Турци и Роми, сите заедно дебатираме за нешто што е од национален интерес.
Тоа само по себе е придобивка и се надевам дека сите ќе го поддржиме договорот, гледајќи од аспектот дали чашата е полуполна или полупразна. Ај да почнеме да ја гледаме чашата полуполна, и со малку повеќе храброст и лидерство да ги водиме граѓаните, и Парламентот и Владата и сите заедно“, изјави премиерот Зоран Заев одгаварајќи на барањето на опозицијата за итна седница на Собранието.