Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов се извини за настаниот превид на протоколарните служби во Кабинетот и вели дека е настаната техничка грешка при упатувањето покана до градоначалникот на Општина Струмица за присуство на прославата на Илинден.
Утринава, во поканата што стигна по пошта во Општина Струмица, претседателот Иванов го кани премиерот Зоран Заев во својство на градоначалник на Општина Струмица на 2 август во Скопје на церемонијата на положување свежо цвеке пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“, пред споменикот на Никола Карев пред зградата на Собранието и пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на Плоштадот Македонија.
„Кабинетот на Претседателот на Република Македонија информира дека е настаната техничка грешка при упатувањето покана до градоначалникот на општина Струмица за присуство на прославата на државниот празник „Илинден“ во Скопје и воедно се извинува за настанатиот превид на протоколарните служби во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Информираме дека до г. Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, е испратена покана за негово присуство“, соопштија од Кабинетот на Иванов.
Премиерот Зоран Заев уште во декември минатата година, поради добиениот пратенички мандат, се повлече од градоначалничката функција.