ШУМАТА КАЈ ТРЕБОВЛЕ УШТЕ ГОРИ, НО ДЕЛ ОД ЕВАКУИРАНИТЕ ЖИТЕЛИ СЕ ВРАЌААТ ДОМА ОТИ ОКОЛУ СЕЛОТО СЕ ИСКОПАНИ КАНАЛИ ЗА ЗАШТИТА

    ШУМАТА КАЈ ТРЕБОВЛЕ УШТЕ ГОРИ, НО ДЕЛ ОД ЕВАКУИРАНИТЕ ЖИТЕЛИ СЕ ВРАЌААТ ДОМА ОТИ ОКОЛУ СЕЛОТО СЕ ИСКОПАНИ КАНАЛИ ЗА ЗАШТИТА(Фото: принтскрин од видео за пожарот во Требовле)

    Шумата кај село Требовле кај Македонски Брод уште гори, но Центарот за управување со кризи (ЦУК) јавува дека дел од евакуираните жители почнале да се враќаат во домовите откако се намалила опасноста пожарот да ги зафати куќите. Армијата попладнево ископала канали околу селото за да го спречи навлегувањето на огнот, а вечерва воведени се дежурни служби од Дирекцијата за заштита и спасување.

    „Рано наутро ќе продолжи гасењето на пожарот со два канадери на Дирекцијата за заштита и спасување, еден хеликоптер на војската, противпожарните бригади на Македонски Брод и на околните Општини како и вработени од Македонски шуми. Договорено е за гасење на огнот да се стават на располагање сите расположливи ресурси. Колку точно луѓе ќе бидат вклучени во гасењето на пожарот во Требовле ќе знаеме наутро“, вели Надица В’чкова, портпарол на Центарт за управување со кризи.

    Селото Требовле има триесетина жители и десетина куќи. Вчера попладне сите жители биле евакуирани оти огнот се заканувал да ги зафати куќите. Петти ден по ред гори шумата кај селото и според досегашните проценки опожарени се околу 400 хектари. Се испитуваат и причините за пожарот.

    „Причината за пожарот уште не е утврдена, но сите показатели укажуваат на човечки фактор и подметнување“, велат од Центарот за управување со кризи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира