На митинг на ВМРО-ДПМНЕ и нивните приврзаници наликуваше денешната Семакедонската средба која по 46. пат традиционално се одржа во подпелистерското село Трново, Битолско. Дел од говорниците зборуваа дека државата ни е нападната од ајдуци, предавници, домашни врховисти, го напаѓаа договорот со Бугарија, Законот за јазици и други актуелни политики.
„Денес нападнати сме од странски притисоци и од внатрешни врховисти, петоколонаши, криминалци и ајдуци од секаков вид да ја изгубиме државата за која се бореа многу генерации. Доста ни е од разноразните медијатори, спроводници на некоја квазидемократија“, рече Иван Џо Петрески од Матицата на иселениците.
На ова се надоврза Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, велејќи дека во Македонија се повампири врховизам, а тоа е „сервилност на одредена номенкулатура која во отсуство на доверба од сопствениот електорат, спас за власт во Македонија бара од некоја туѓа меттропола како Брисел, Стразбур и Вашингтон“. Петров рече дека Љубчо Герогиевски од премиер на државата станал Бугараш, па партнер на Бранко Црвенковски, а денес и на Зоран Заев, а притоа не спомна дека беше премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на оваа партија.
По ова, десетина од присутните почнаа да викаат „предавници“.
„Што ли прават хероите од 1903-Кта, па и од Втората народно-ослободителна светска војна, па тие се превртуваат во гробовите и не можат да веруваат што ни се случува. Странските центри, моќните центри кои влијаат овде за да не постои оваа земја, најдоа добро тло во дел од македонското ткиво и тоа го спроведуваат“, рече градоначалникот Владимир Талески, покровител на средбата.
Талески е обвинет од СЈО во случајот „Транспортер“ за проневера на 360.000 евра со манипулации при превоз на ученици.
Во официјалниот дел не беше повикан да се обрати ни еден од тројцата присутни преставници од Владата – министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот без ресор Зоран Шапуриќ и заменик министерот за локална самопуправа Дејан Павлевски.
Николовски во изјава дадена по манифестацијата рече дека од протоколот на Семакедонската средба биле известени дека не е планирано нивно обраќање. Потоа, организаторите испратија допис дека од Владата им било кажано оти нивните претставници нема да зборуваат. Сепак, Николовски порача дека со лаги, манипулации и интриги никој нема да се спаси од правдата и одговорноста.
„Убеден сум дека самостојна, унитарна и независна Македонија чекори напред со промените што се случија кон една развиена, демократска земја, членка и на НАТО и на ЕУ“, рече тој.
На средбата зборуваше и архимандритот Никодим Царкњаз кој Албанците ги нарече шиптари и ги искара политичарите зошто дозволиле македонскиот народ да зема бугарски пасоши.
„Поранешните влади на Македонија направија грешка што им дозволија на Македонците да земат бугарски пасоши, тоа е катастрофа, тоа го направија за лични интереси, за пари. За жал, има и свештеници такви во македонската црква кои за да шетаат слободно низ Европа зедоа бугарски пасоши. Какво предавство, тоа е срамота“, рече Царкњас.
Ж. ЗДРАВКОВСКА