ХЕМОФИЛИЧАРИТЕ ЦЕЛ МЕСЕЦ БЕЗ ТЕРАПИЈА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ВЕЛИ ДЕКА Е НАПРАВЕНА ИНТЕРВЕНТНА НАБАВКА

    ХЕМОФИЛИЧАРИТЕ ЦЕЛ МЕСЕЦ БЕЗ ТЕРАПИЈА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ВЕЛИ ДЕКА Е НАПРАВЕНА ИНТЕРВЕНТНА НАБАВКАОд Институтот за трансфузиона медицина информираат дека во меѓувреме има коагулантна терапија за итните случаи. - Довчерашната директорка на Институтот за трансфузиона медицина Емилија Велкова

    Пациентите со хемофилија реагираат дека речиси цел месец се оставени без потребната терапија, а дека особено критично е последните две недели, бидејќи ги потрошиле и последните резерви од факторите 8 и 9 за коагулација на крвта. Тие бараат здравствените власти заедно со Институтот за трансфузиона медицина итно да најдат решение, оти стравуваат за своите животи.

    „Лекови нема веќе цел месец, но особено е критично последните две недели оти полека ни се трошат и последните залихи што ги имаме. Има околу стотина пациенти со потешка форма на хемофилија и тие луѓе не може да останат без терапија, односно терапијата не смее да им се прекинува. Постојано алармираме и во Центарот за хемофилија и на Институтот за трансфузиона медицина, но од таму велат дека имаат проблем со набавките. На Институтот велат дека имаат одреден минимум залиха за итни случаи, но стравуваме дали тоа ќе биде доволно ако некој се повреди посериозно или ако има сообраќајна несреќа“, вели Цвета Наќеска, претседател на здружението за хемофилија „Хемалог“.

    Таа објаснува дека тендерот за набавка на потребните фактори за коагулација бил распишан во јануари годинава, но дека Институтот го поништил.
    „Не ми е јасно зошто веднаш не распишаа нов и што се чекаше толку. Потоа распишаа тендер за итна набавка на дел од потребните количини, но и итната набавка загалавила, велат во некоја второстепена државна комисија која одлучува по жалби. Сега слушаме предлози да се организирала крводарителска акција па така да се произведат потребните фактори, но овој вид терапија е напуштен пред 15 години, поради нус ефектите. Викендов не смее да останеме без терапија, оти има повозрасни пациенти, кои освен што се соочени со опасност да искрварат ако се повредат трпат и страшни болки. Ако факторот не се зема редовно и навреме настануваат потоа трајни последици, а болките се неиздржливи“, вели Наќеска.

    Од Министерството за здравство смируваат дека во текот на денешниот ден ќе се склучи договорот за интервентна набавка на потребните фактори за коагулација и дека веднаш ќе почне испораката на потребните количини.
    „Тендерот за редовна набавка на факторите за коагулација во моментов е во постапка за усогласување со Советот за јавни набавки, се очекува негово одобрување и што побрза реализација на набавката. Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека во меѓувреме има коагулантна терапија за итните случаи“, велат од Министерството за здравство.

    Институтот за трансфузиона медицина денес доби и нов директор, односно Министерството за здравство ја разреши досегашната директорка Емилија Велкова и на нејзино место го постави Кочо Димитровски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира