Доброволци кои изминативе неколку дена се борат со пожарите во Поречието, посочуваат дека иако безмалку целиот регион е под ЈП „Јасен“, само 5 луѓе од таму помагаат во гаснење на огнот. Директорот Оливер Андонов вели дека се 8, заедно со две цистерни, и дека ова претпријатие има ограничени ресурси.
Доброволци кои се на терен, велат дека Трeбовље е спасено, но жителите остануваат да дежураат.
„Сега е доцна за хеликоптери зашто на изгореново ако пројдат, ќе го дозапалат. Не можат ниту авионите, бидејќи пред нив е ѕид од чад, може во брдо да удрат“, велат нашите соговорници.
Вчера за пожарите во атарите на селата Трбовље и Растеш интервенирале 2 хеликоптери, информираше Центарот за правување со кризи.
Доброволците кажуваат дека тие се 30-мина и дека со нив се уште 30 припадници на АРМ.
„Нема од Македонски шуми, нема од Дирекција за заштита и спасување. Само 5-мина се од ЈП ‘Јасен’, другите биле пуштени на одмор. Поречието е завиткано во чад. Луѓето пред селата прават појаси и се молат да се оствари прогнозата дека ветерот напладне ќе го смени правецот“, реагираат доброволците.
Директорот на „Јасен“ Оливер Андонов вели дека е на теренот загрозен од пожарите.
„Ова што гори не е зафатено подрачје на ’Јасен’. Сепак, ние со две екипи од по 4 луѓе и со две цистерни интервенираме. Има и луѓе на одмор, сезона е. Пред три дена пожарот кај Ивањица го изгаснавме сами. Со 49 вработени толку можам. Ако се појави пожар во нашиот дел, ќе активирам 15 луѓе. Моите ресурси се ограничени.Треба да ја активираат АРМ и МВР. Нека си формираат кризен штаб“, ни изјави Андонов.
Во последната информација од Центарот за управување со кризи за состобата на пожарите во 11 часот денеска стои дека пожарот во атарот на Трбовље е се уште активен и во неговото гаснење се ангажирани АРМ и месното население.
„Силите на ЈП ‘Македонски шуми’ Македонски брод кои беа ангажирани за дејствување на пожарот во с.Растеш се пренасочени на пожарот кој се ширеше кон месноста Фојник. Во текот на ноќта активно работеа на спречување на пожарот кој се ширеше према атарот на с.Брест. Пожарот во атарот на село Девич локализиран“, инфрмира ЦУК.