Сашо Василевски е назначен за директор, а Љупчо Зиков за директор на финансии и комерција на МЕПСО, додека Драган Миновски е новиот директор на АД ЕЛЕМ, одлучи вчера Владата.
Сашо Василевски е адвокат со своја канцеларија во Ресен, а во МЕПСО доаѓа од местото член на Советот на јавни обвинители каде е од 2011. Од 2006 до 2008 беше заменик-министер за правда.
Љупчо Зиков е новинар и директор на неделникот „Капитал“, беше и претседател на партијата Алијанса за подобра Македонија, основана заедно со Минчо Јорданов и Владо Бучковски која на последните избори коалицираше со СДСМ.
Професорот на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Драган Миновски, на предлог на Владата е новиот директор на ЕЛЕМ кој доаѓа на местото на Христијан Мицковски, новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Мицковски на својот фејсбук-профил напиша дека е разрешен од местото претседател на управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ.
„Горд сум на сето она што заеднички го правевме за АД ЕЛЕМ, за Македонија, направивме многу, а можевме уште повеќе. Аристотел рекол задоволство во работата дава совршеност во делото. Делото сега ќе продолжи на друг терен помеѓу студентите на факултет и граѓаните за Македонија“, напиша Мицковски.
Владата одлучила и Зоран Ѓорѓиев да биде нов генерален директор на ЈП „Македонски шуми“. Тој е претседател на општинската организација на СДСМ од Кавадарци а во „Македонски шуми“ работи од 1996.
Новинарот Драган Антоновски е новиот директор на државната новинска агенција МИА.