Фудбалските ѕвезди на Манчестер јунајтед Давид де Хеа, Андер Ерера и Маркус Рохо вечерва во Скопје добија неколку лекции по знаковен јазик од 19-те деца од училиштето за ученици со оштетен слух „Партение Зографски“.
Средбата со нивните фудбалски херои беше изненадување за учениците кои утре ќе настапат на свеченото отворање на Супер купот на УЕФА во Скопје, пред натпреварот Реал Мадрид-Манчестер јунајтед, и на знаковен јазик ќе ја испејат „Небо полно ѕвезди“ (Sky Full of Stars) од „Колдплеј“.
Децата се избрани од УЕФА Фондацијата, а средбата со де Хеа, Ерера и Рохо беше емитувана на нејзиниот фејсбук профил.
Децата ги поздравија играчите со аплауз – високо кренати раце што треперат, и на знаковен јазик им кажаа: Ние сакаме фудбал! Потоа Ерера праша како на знаковен јазик се кажува Манчестер јунајтед, а еден ученик веднаш му покажа, и трите фудбалски ѕвезди неколкупати ги повторија знаците. Пото фудбалерите научија како се вика „се радувам“ и „Манчестер јунајтед ќе победи“.
Формирана пред две години, УЕФА Фондацијата го користи спортот за да поддржи хуманитарни проекти поврзани со правата на децата во областа на здравството, образованието и интеграцијата. На чело на фондацијата е експретседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
„Нашата главна идеја беше дека сакаме преку настапот да кажеме и покажеме оти ние сме еднакво вредни како и сите други. Пораката ни е – не нѐ сожалувајте! Многу брзо се разбравме со луѓето од УЕФА Фондацијата и тие беа воодушевени од она што го знаат и умеат нашите деца“, вели за утрешниот настап Викторија Волак, дефектолог и професор во училиштето.
ТРЕПЕРЕТЕ СО РАЦЕТЕ ЗА ДА ГО ЧУЈАТ АПЛАУЗОТ ГЛУВИТЕ ДЕЦА КОИ ЌЕ ПЕЈАТ НА СУПЕР КУПОТ