На шеснаесетгодишниот Филип, кому пред четири години му се урнаа сите надежи дека ќе може професионално да игра фудбал, бидејќи му е дијагностицирана ретка болест Алпортов синдром, денес во Скопје му се оствари најголемата желба да да се запознае со фудбалската ѕвезда Роналдо.
„Пресреќен е. Филип живее за фудбалот, ама веќе не смее да игра. Му се оствари сонот да го запознае Роналдо и да се фотографира со него“, вели неговата мајка Ана.
Тој заедно со уште 18 деца од училиштето за ученици со оштетен слух „Партение Зографски“, кои утре ќе настапат на свеченото отворање на Супер купот на УЕФА во Скопје, и пред натпреварот Реал Мадрид-Манчестер јунајтед на знаковен јазик ќе ја испејат „Небо полно ѕвезди“ (Sky Full of Stars) од „Колдплеј“, денес се сретнаа со фудбалерите од овие два клуба пред нивните тренинзи. Средбата со фудбалските ѕвезди беше изненадување за децата, кои УЕФА фондацијата ги избра да настапат на свеченото отворање.
По приказната за Филип на СAKAMДАКАЖАМ.МК, во која неговата мајка Ана раскажува дека по дијагностицирање на болеста биле принудени Филип да се откаже од тренинзи и да ја одбијат понудата на еден македонски фудбалски клуб да игра за младинската екипа, УЕФА Фондацијата реши да го вклучи во групата деца што денес ќе се сретнат со фудбалерите. Формирана пред две години, УЕФА Фондацијата го користи спортот за да поддржи хуманитарни проекти поврзани со правата на децата во областа на здравството, образованието и интеграцијата.
Алпортовиот синдром е ретка генетска болест, која се добива од раѓање. Засега нема лек за овааа болест, а како резултат на неа со текот на времето се оштетуваат слухот, видот и бубрезите. На овие пациенти подоцна во животот во најголем број случаи им е потребна трансплантација на бубрези. Филип не сака јавно да зборува за својата здравствена состојба, па во негово име зборува неговата мајка Ана.
„Се сретна и со фудбалерите на Манчестер, го и следеше нивниот тренинг. Но, по средбата со Роналдо, не ја симнува насмевката. Нема ништо поубаво отколку да го видиш своето дете среќно“, вели Ана.
Е.БОЧВАРОСКА
Оваа статија се продуцира со помош на грант доделен преку проектот „Коалиција за медиумска писменост“, што го спроведува Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и весникот „Нова Македонија“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во оваа статија се одговорност единствено на Сакам да кажам и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.