Горјан Тозија – Медо е новиот в.д. директор на Агенцијата за филм, соопшти денеска Владата. Тозија доаѓа на местото на Мими Ѓоргоска- Илиевска.
Тозија е филмски продуцент, поранешен државен секретар во министерството за култура и советник во Kабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Беше претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993 стана директор и на државниот продуцент „Вардар филм“.Во тој период „Вардар филм“ ги сними филмовите „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Преку езерото“, „Џипси меџик“, и учествува во реализацијата на два холивудски филма кои се снимаа во Македонија, „Миротворец“ и „Добредојде во Сараево“. По заминувањето од „Вардар филм“ против него имаше тужба за злоупотреба на службената должност, а и тој го тужеше државниот продуцент.
Тозија денеска не сакаше да зборува за своите планови и програма за Агенцијата за филм.
„Јас прво скокам па викам оп. Ќе ми дозволите два-три да влезам во институцијата, да видам каква е ситуацијата, па потоа ќе може да разговараме за сѐ. Случајот кој што се водеше против мене додека бев директор на ‘Вардар филм’ е завршен уште пред три години во моја корист. На крај добив и отштета. Сега јас водам случај против тогашното раководство на Министерството за култура пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур“, кусо рече Тозија.
Тозија беше активен учесник на протестите на Шарената револуција во Скопје, а имаше и пријава за фрлани балони со боја и јајца врз Порта Македонија, со што според обвинителството, било сторено кривичното дело оштетување на објект од посебно културно значење.
А. АНТЕВСКА