Поетот Дарко Лешоски се повлече од функцијата претседател на Управниот одбор (УО) на Струшките вечери на поезијата (СВП), на која беше именуван на 11 август.
„Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се повлекувам и се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Се заблагодарувам на укажаната доверба и останувам посветен на мојот примарен ангажман во Сервисот за односи со јавност на Владата. Нека биде ова почеток на една поинаква демократска практика“, изјави Лешоски во денешното интервју за Дојче веле.
Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека е затечено од оваа одлука на Лешоски и уште нема именувано нов претседател на УО на СВП.
Оставката доаѓа по бурата што се крена во јавноста и на социјалните мрежи, главно од луѓе од културата, кои ја доведоа во прашање неговата компетентност и возраст за оваа функција.
„Искрено се заблагодарувам, пред сѐ, на укажаната чест, а потем и на сите искрени надежи, но и критики. Сметам дека дел од нив се издржани“, е коментарот на Лешоски за ова во интервјуто.
Лешоски беше избран на местото на поетот Славе Ѓорго Димоски, кој на оваа функција беше од 2008.
Родум од Вевчани, Лешоски се прослави со поезијата што ја објавуваше прво на Фејсбук, а во 2013 излезе неговата прва збирка „Дете од лоша фамилија“ во издание на „Табернакул“. Промоцијата беше еден од најпосетените поетски настани, а целиот тираж на збирката се потроши за рекордно кусо време. Во јули годинава излезе неговата втора збирка, „…И тогаш Јаков му дари на Јосиф шарена облека“, приватно спонзорирано издание без поддршка од Министерствота за култура. Како граѓански активист изминативе години Лешоски беше активен на социјалните мрежи и на протестите на Шарената револуција.
Годинашното 51. Издание на СВП ќе се одржи од 23-28 август, но иако на директорот Мите Стефоски му е истечен мадантот, тој ќе остане на функцијата и по локалните избори закажани на 15 октомври. Од Министерството за култура велат дека и покрај истечениот мандат, не може да распишат конкурс за нов директор бидејќи е започнат предизборниот период. Нов директор ќе се бира по завршувањето на локалните избори.
Годинашен лауреат на Златниот венец на СВП е американскиот поет со српско потекло Чарлс Симиќ.
А. АНТЕВСКА