Доцни исплатата на породилното отсуство и надоместокот за невработени лица за месец јули. Поради промената на директорските места, новите директори не можат да ја потпишат исплатата.
Невработените граѓани кои надоместокот од државата досега до добиваа најдоцна до 25-ти во месецот, сега ќе добијат пари со задоцнување од една недела. Од Агенцијата за вработување велат дека исплатата овој месец ќе се изврши најдоцна до 30-ти август.
„Во претходниот месец исплатата се вршеше од 20-25 јули 2017 година, но поради именување на нов директор, во изминатиов период АВРМ ги презеде сите неопходни законски мерки за промена на главниот потписник на трезорската сметка на Агенцијата, која законски повлече и промена на постоечките потписници на сметките во 30-те центри за вработување“, велат од Агенцијата за вработување.
Од таму објаснуваат дека за оваа постапка потребни се неколку денови бидејќи менувањето на потписниците се врши во неколку институции, односно во Централниот регистар, на нотар и во трезорот на Министерството за финансии.
Неколку дена доцни и исплатата на породилното боледување поради промената на директорското место. Од Фондот за здравство рекоа дека вчера ги потпишале исплатите и од денеска веќе треба да почне исплатата.