СЕ РАСПАЃА МУЗЕЈОТ НА ВОДА ВО ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ ВО ОХРИД

    СЕ РАСПАЃА МУЗЕЈОТ НА ВОДА ВО ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ ВО ОХРИДОбјектот, вака како што изгледа сега, едвај ги задоволува безбедносните стандарди (Фото: СДК.МК)

    Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште, еден од најатрактивните и најпосетени локалитети во Охрид, се распаѓа. Оваа реплика на праисториска наколна населба на местото наречено Плоча Миќов Град, со 24 куќички од кал и гранки поставени на дрвена платформа изградена на дрвени колци кои излегуваат од Охридското Езеро, има расклатена и на места скршена ограда, даските на платформата на повеќе места се раздвоени, клинците штрчат од спојките, а на некои делови се отворени и широки процепи.

    Даските на платформата на повеќе места се раздвоени, клинците штрчат од спојките, а на некои делови се отворени и широки процепи (Фото: СДК.МК)

    Објектот, вака како што изгледа сега, едвај ги задоволува безбедносните стандарди, и се чини дека во изминативе 9 години од отврањето до денес ниеднаш не е реконструиран.

    Оградата на повеќе места се клати, а на делови е и искршена (Фото: СДК.МК)

    Музејот се отвори во 2008, по две години изградба што чинеше 2 милиони евра, а финансираше Министерството за култура, во времето кога Паско Кузман беше директор на Управата за заштита на културното наследство. Досега го посетиле над 400.000 луѓе, а освен наколната платформа во које е реконструиран животот од 1.200 до 800 година пред новата ера, има копнен објект од камен во кој има изложбена поставка од откриените артефакти на археолошкиот локалитет, книжарница и кафе-тераси. Околу е уреден парк од зимзелени дрвја и сѐ заедно е едно од најубавите места создадени од човекот на охридското крајбрежје.

    (Фото: СДК.МК)

    Влезот во музејот чини 100 денари.

    Елеонора Новаковска, в.д директорка на Завод и Музеј Охрид, која на оваа функција е едвај 2 месеца, не беше запознаена со лошата состојба на Музејот на вода. Таа изминатиов викенд ни рече дека не знае дека е таква состојбата и оти ќе оди лично да провери, а по личниот увид рече:

    Музејот се отвори во 2008, по две години изградба што чинеше 2 милиони евра, а финансираше Министерството за култура (Фото: СДК.МК)

    „Многу би благодарам што ми предочивте за некои состојби во Заливот на коските. Сега можам да ви кажам дека во текот на денов сѐ е санирано и посетителите можат безбедно да се шетаат по дрвената платформа. А за тоа дека од разнишаната ограда може да падне и дете, можам да ви кажам дека тоа може да се случи на било кое друго место, не само на овој наш објект. Напоменувам дека оградата е цврста и нема таква опасност”, ни рече Новаковска.

    Но, екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК пред три дена повторно го посети Музејот на вода и лично се увери дека никаква санација не е направена, оти сликата е иста како и пред Новаковска да оди да ја увиди состојбата.

    Музејот досега го посетиле над 400.000 луѓе (Фото: СДК.МК)

    Новаковска потоа не беше достапна за информации што навистина ќе превземе за темелна реконструкција на платформата.

    Подводните археолошки истражувања на локалитетот Плоча Миќов Град во Заливот на Коските во водите на Охридското Езеро близу Пештани, се реализираа во кампањи секоја година од 1997 до 2005. Со овие истражувачки активности за првпат во Македонија се официјализира подводната археологија како гранка на археологијата која се занимава со остатоци, заштита и презентација на подводното културно наследство, кое поради разни околности во минатото и денес останало под водените површини на македонските езера.

    Д. ЧУБРИЌ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира