СЕ РАЃА НОВИОТ МАКЕДОНСКИ ГЛАВЕН ГРАД СО ПАРКОВИ И МОДЕРНИ КУЌИ, ПИШУВАЛ ВО 1958 „ЊУЈОРК ТАЈМС“ ЗА СКОПЈЕ

    СЕ РАЃА НОВИОТ МАКЕДОНСКИ ГЛАВЕН ГРАД СО ПАРКОВИ И МОДЕРНИ КУЌИ, ПИШУВАЛ ВО 1958 „ЊУЈОРК ТАЈМС“ ЗА СКОПЈЕРепортажата за изградбата на ново Скопје во „Њујорк тајмс“ излезе на 7 декември, 1958 (Фото: Факсимил од архивата на „Њујорк тајмс“)

    „Југословените го изменија ликот на Скопје“ е насловот на текстот што на 7 декември, 1958 излезе во „Њујорк тајмс“. Репортажата од Скопје потпишана од Пол Андервуд специјално за „Њујорк тајмс“, е направена на 17 ноември, 1958.

    Во тоа време, градоначалник на Скопје е народниот херој Наум Наумовски- Борче, учесник на Првото заседание на АСНОМ, кој прв човек на главниот град бил во два мандата, во 1950 и од 1956 до 1960, кога починал на 40 години. Новинарот на „Њујорк тајмс“ при посетата на Скопје се сретнал и со Наумовски и го цитира во текстот.

    Текстот е проследен со илустрација на мапа под која пишува: „Град на контрасти: нови згради се креваат во Скопје, главниот град на Македонија (Фото: факсимил од архивата на „Њујорк тајмс“)

    „Се раѓа новиот македонски главен град со паркови и модерни куќи“, вели поднасловот на текстот во „Њујорк тајмс“ што САКАМДАКАЖАМ.МК го откри во архивата на овој весник и што ви го пренесуваме во целост:
    „Овој древен  главен град на Македонија се издигнува од вековната кал од мала група планери, архитекти, инженери. Нов град се раѓа во оваа котлина опколена со планини на реката Вардар, град со паркови и игралишта, со разнобојни тераси на згради налик на најновиот средоземен стил.

    Опсегот на градбите и силниот контраст помеѓу старото и новото, истокот и западот, му даваат на градот чувство на нереалност, небаре се работи за филмска сцена.

    Стоејќи на железничката станица на западниот брег на реката Вардар, на сите страни може да се видат нови згради, нов хотел, деловна зграда во изградба.

    ОСТАВЕНИ СЕ НЕКОИ СТАРИ ДУЌАНИ

    Само ваму-таму можат да се видат група скапани турски дуќани каде работат занаетчии со техники со векови неизменети, сѐ уште се држат заедно како да сакаат да се заштитат од екипите за демолирање -и служат за потсетник на тоа како некогаш изгледаа овие улици.

    Во тоа време, градоначалник на Скопје е народниот херој Наум Наумовски- Борче,учесник на Првото заседание на АСНОМ, кој прв човек на главниот град бил во два мандата, во 1950 и од 1956 до 1960, кога починал на 40 години. Новинарот на „Њујорк тајмс“ при посетата на Скопје се сретнал и со Наумовски и го цитира во текстот.

    Прошетка низ овој дел, преку средновековниот мост преку реката, до старата турски кварт на источниот брег, значи да се врати времето назад. Градителите кои работеле низ целиот град од запад до исток изгледа како само да ги чепнале краевите на овој дел. Тука тесните улици се движат низ преполните дуќани и стари куќи кои веќе не можат да стојат право. Насекаде над градот се гледаат многу џамии, нивните минариња изгледаат како ракети спремни за палба.

    Насекаде е валкано. Калта вирее насекаде од старата калдрма, со што прошетка на дождлив ден станува опасна; кога е суво, прашината е таа што го предизвикува трпението. Децата играат на улиците, избегнувајќи ги толпите луѓе, кучињата, приколките со коњи, велосипедите и ретките автомобили.

    Сето ова е наследство од отоманската власт која во Македонија заврши во 1912. Задачата да се обнови ова човечко зајачко дувло е уште поотежната поради брзиот раст на градот по Втората светска војна.

    Градот, кој имал население од околу 60.000 жители во 1939, сега брои скоро 170.000. А власта предвидува дека во следните 5 години оваа бројка скоро ќе се дуплира.

    И покрај толкуте градби, власта признава дека не успеала да направи доволно за да ги пресели жителите од турскиот дел. Најголем дел од новите куќи се за инженерите и другите експерти.

    Меѓутоа, градоначалникот Наум Наумовски зборува уверливо  за денот кога 80 отсто од зградите во турскиот дел ќе бидат срушени и на нивно место ќе бидат изградени нови куќи и продавници.

    Доколку работите одат според планерите, сѐ што ќе остане од старото Скопје ќе бидат градби од историска вредност. Меѓу нив се џамии, неколку амами и Куршумли ан, средновековен каравансарај“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира