Четириесет и едногодишен Американец загина на „Бурнинг мен“, откако се стрчал кон големиот оган, со кој традиционално се затвора овој фестивал, што се одржува среде пустина во Невада.
Именуван како Арон Џоел Мичел, тој успеал да се пробие низ двата безбедносни нивоа, поставени околу огромната дрвена структура, позната како „Човек“ и се фрлил во огнената стихија пред илјадници шокирани посетители. Пожарникарите не можеле да реагираат и да му го извлечат телото, се додека 15 метри високата скулптура не се распаднала целосно. Американецот, кој со сопругата живеел во Швајцарија, бил прогласен за мртов кога бил донесен во болницата во Сакраменто.
„Не можеме да поверуваме што се случи. Тој беше добро расположен кога последен пат се видовме“, изјави мајката на Мичел.
„Бурнинг мен“ е музичко-уметнички фестивал кој секоја година привлекува околу 70.000 посетители од целиот свет, кои се претставуваат со необични инсталации, возила и облека.