Од 27 кандидати кои до Државната изборна комисија поднеле листи за собирање потписи за независни кандидати за градоначалник, до синоќа никој не поднел кандидатура за градоначалник.
Од Државната изборна комисија објаснуваат дека уште се собираат податоците за тоа колку од од овие 27 кандидати за градоначалници и 47 кандидати за советнички листи ги собрале потребните потписи за да може да се кандидираат како независни на претстојните локални избори, што ќе се оддржат на 15-ти октомври.
„На синоќешната седница не добивме информација колку од кандидатите во рокот што истече вчера на полноќ ги собрале потребните потписи и ги доставиле на заверка листите со потписи. Во текот на денот ќе бидат обработени податоците и ќе знаеме колку од кандидатите собрале потписи, но со оглед на тоа дека цензусот е мал зависно од бројот на жители на одредена општина, не би требало да има такви што не ги собрале потписите“, вели Александар Чичаковски, претседател на ДИК.
Тој објаснува дека ноќеска на полноќ истекол рокот за собирање потписи за да може некој да се кандидира како независен, но тоа не значи дека и се кандидирал. Рокот за кандидатури за локалните избори истекува на 14 септември.
„Додека траеше седницата никој од кандидатите што собираа потписи немаше поднесено и кандидатура до општинските изборни комитети. Самата постапка на собирање потписи значи дека кандидатот може да се кандидира како независен, но тоа не значи дека ќе биде и независен кандидат. Во меѓувреме додека истече рокот за поднесување кандидатури, кој е на 14 септември, може да се премисли и да биде кандидат на некоја од политичките партии“, вели Чичаковски.
Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК, вели дека и утрово се уште никој од кандидатите што собирале потписи за независни кандидати не поднел кандидатура до општинските изборни комитети.
„Иако има најави од дел од кандидатите дека ќе поднесат кандидатура, се уште нема поднесено. Очекуваме првите да ги добиеме во текот на денот“, вели Гугучевска.