Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи вели дека отсекогаш навива за Милан и речиси не пропушта натпревар на италијанскиот фудбалски тим на телевизија, но и дека посебно е чувството кога си на трибини и навиваш за својата држава. Фетаи синоќа беше на трибините на стадионот „Младост“ во Струмица да го гледа натпреварот Македонија-Албанија во квалификациите за Светското првенство во Русија следната година.
„Милан ми е во срце, иако во последниве години не е она што беше пред десет години и за него секогаш навивам. Преку малите екрани ретко пропуштам да следам натпревар. Сепак, чувството е поинакво кога си на трибини и оттаму навиваш, особено кога се бори твојата држава“, изјави Фетаи за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Фетаи вели дека го обожава фудбалот, „иако како и повеќе други нешта, го сметаат за машка работа“.
Синоќа во Струмица, Македонија и Албанија одиграа без победник 1:1. Гостите поведоа во 52. минута, кога Роши со глава ја протна топката во мрежата на Димитриевски. Македонија од пораз ја спаси замената Александар Трајковски, кој беше прецизен од пенал во 78. минута.