Познатата американска ладино пејачка Сара Ароестe, која води потекло од старо битолско еврејско семејство, на концертот синоќа ги расплака битолчани пеејќи за Битола и евоцирајќи спомени кои ѝ ги раскажувал дедо ѝ. Пејачката на ладино – традиционална еврејска музика – потекнува од познато градско семејство Ароесте кое живеело во Битола до Балканските војни и се занимавало со трговија на облека. Живееле во една од најубавите куќи на Широк Сокак каде денес се наоѓа кафулето „Равена“ и регионалната канцеларија на синдикатот.
„Благодарение на мојот дедо пораснав знаејќи дека моето семејство има потекло и долга семејна лоза од Битола. Слушав многу приказни и отсекогаш мојот сон беше да дојдам лично да ја посетам Битола. Приказните ми беа пренесувани преку слики и видеа кои беа зачувани од мојот дедо. Ми кажуваше како секогаш бил возбуден кога пашата доаѓал во градот, за храната која ја јадел тука, дека прадедо ми бил добро познат во Битола. Слушнав дека биле трговци со облека“, раскажа Ароесте.
Таа ја посети и семејната куќа на која до денес е зачувана еврејската ѕвезда, како и дуќанот во чаршијата кој на времето го поседувал дедо ѝ. Нејзините предци Битола ја напуштиле за време на Балканските војни, поради лошата економска состојба и законот кој налагал да се приклучат кон војската. Подоцна, во 1930 година баба и и дедо и Битола ја посетиле за време на свадбеното патување. Снимиле црно-бел видео материјал кој пејачката им го презентираше на битолчани за време на концертот.
„Овие спомени се посебно болни за мене зашто баба ми и дедо ми се вратиле во Америка, но другите роднини од семејството Ароесте и Нахмијас загинале во холокаустот. Нивните имиња ги прочитав на листата со жртви од Втората светска војна која е прикачена на Еврејските гробишта во Битола“, рече пејачката.
Таа ги воодушеви битолчани со маестралната изведба на ладино песни,за кои рече дека содржат многу симболизам поврзан со историјата на нејзиното семејство и градот Битола. Материјалите што ги поседува, меѓу кои и дел од дневник сличен на оној на Ана Франк, од нејзина роднина која била сведок кога нацистите ги зеле Евреите од Битола, ќе ги подари на битолскиот Завод и музеј.
„Дел од семејството кое живееше во куќата, Рашел со нејзиниот брат побегнаа во Албанија со помош на албанскиот конзул, но нивното семејство почина. Имам документ од нејзиниот дневник во кој пишува за спомените кога нејзиното семејство било однесено. Во нејзиниот дневник има прекрасна приказна за луѓето од Битола кои ѝ помогнале да избега“, рече Сара.
Нејзиното доаѓање и концерт во Битола го организираа битолчанецот Владо Стојанов, здружението АРХАМ и блогот Бабам Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА