Повеќе од 1.100 полицајци и војници пристигнаа на карипскиот остров Сен Мартин и на соседната француска територија Сент Бартс, кадешто со помош на хеликоптери треба да обезбедат домови, продавници и автомобили. Францускиот премиер Едуард Филип објави дека Франција ќе испрати и припадници на Легијата на странци, како и друг воен персонал на Сен Мартин.
Островот е поделен на француски Сен Мартин и на холандски Сент Мартен и холандската влада проценува дека 70% од тамошните куќи се тешко оштетени или целосно уништени, со што над 40.000 жители се принудени да спијат по јавни засолништа.
Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека ситуацијата на островот останува тешка, а дополнителен проблем се масовните грабежи. Тој кажа дека 230 холандски војници и полицајци патролираат низ Сент Мартен за да се воведе ред и да достават помош, а уште 200 ќе пристигнат во наредните денови. Владата евакуираше 65 лица од болницата, која, исто така, беше погодена од ураганот Ирма.
Проблемите на островот се зголемуваат, бидејќи и аеродромот на соседниот остров Сент Бартс, омилено место за одмор на холивудскиот џет сет останува затворен, а оние на островот Ангила и вториот аеродром на островот во францускиот дел во Гран Кас се отворени само за војската, спасувачките служби и за хуманитарни организации. Сент Томас и Американските Девствени Острови забранија прелети.
Во саботата, премиерот на Сент Мартен, Вилијам Марлин, кажа дека околу 1.600 туристи биле евакуирани, а на евакуација чекаат уште 1.200. Тој вели дека многу земји и поедници понудиле помош, но тоа ќе зависи од временската прогноза.
Пред ураганот, аеродромот „Принцеза Јулијана“ на Сент Мартен беше една од најголемите туристички атракции на островот, имајќи предвид дека пистата завршува на само неколку метри од песочната плажа Махо, па авионите буквално прелетуваа над главите на туристите.
Од фотографиите направени од воздух, се гледа дека аеродромот е значително оштетен, а песокот е однесен од плажата. Војската ја користи пистата за достава на помош, но аеродромот се уште е затворен за цивилни летови, бидејќи светлата на пистата и воздушната контрола не се во функција. На аеродромот успеаа да слетаат само неколку авиони на канадска нискобуџетна компанија кои евакуираа канадски туристи во Доминиканската република.