Антонио Стојчевски, претседател на Синдикатот на Затворската полиција и администрацијата во казнено-поправниот дом „Идризово“, по денешната посета на премиерот Зоран Заев на затворот, пред јавноста ги откри и катастрофалните услови во кои работат затворската полиција и администрацијата.
„Во последните 10 години униформи немаме добиено. Да ви кажам, буквално се молиме кај колегите од МВР да ни дадат некоја износена кошула или панталони за да може да изгледаме пристојно. До сите релевантни фактори во државата и до премиерот Зоран Заев предадовме нов предлог-колективен договор, па се надеваме дека конечно ќе почне еден процес за решавање на нашиот статус, да знаеме еднаш што сме. Дали сме затворска полиција, какви овластувања имаме, бидејќи носиме оружје, а по еден закон што го донесоа, ние немаме право на тоа оружје. За потсетување, ние работиме со посебна група на луѓе и сметаме дека крајно време е да се сфати нашиот проблем“, рече Стојчевски, кој додаде и дека бара изедначување со колегите од МВР, кои одат 6 години порано в пензија, а и тие и овие имаат бенифициран стаж.
Стојчевски набројуваше натаму:
„Се соочуваме со извонредно ниски плати и со заработени, а неплатени прекувремени часови работа, за што и сме добиле на суд во над 150 случаи на ниво на сите затвори во Македонија. Се соочуваме и со проблем со овластувањата. Не нарекуваат овластени службени лица, а немаме никакви овластувања. Немаме средства за работа. Имавме само едно комбе на 2.000 затвореници, сега веќе го немаме ни тоа. Се расипа, не е сервисирано“.
Кога излезе Заев од кругот на затворот, Стојчевски му го врачи нов предлог-колективен договор.
С. К. ДЕЛЕВСКА