Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски нема да се кандидира за уште еден мандат на претстојните локални избори, објави вечерва Зоран Заев во емисијата „Отворено“ на „24 Вести“. Премиерот најави дека Жерновски ќе ја повлече кандидатурата, иако собра потписи за да биде независен кандидат, и како што кажа Заев, тој ќе ја продолжи политичката кариера во централната власт. СДСМ ќе оди со свој кандидат во Општина Центар.
„Одлуката ја донесовме да одиме со свој кандидат. Веројатно утре ќе биде донесена одлуката на демократски начин преку општинската конференцијата на Центар со учество на централното раководство. Сакам да споделам со јавноста дека со Андреј Жерновски долги години имавме добра соработка, се договоривме да биде активен чинител во централната власт. Тој остава зад себе сериозни проекти, има свој политички габарит и иднина и ќе учествува во централната власт. Ќе ја повлече својата независна кандидатура и ке застане зад кандидатот што ќе го одредат органите и телата на СДСМ, заедно со коалиционите партнери. Жерновски има употреблива вредност во централната власт“, изјави Заев.