Министерката за одбрана Радмила Шекеринска кажа дека до МВР испратиле податоци кои што треба да помогнат при истрагата да се открие дали високопозиционирани лица во нејзиното министерство се обиделе да сокријат од правдата војник, кој учествувал во насилството на 27 април со тоа што го испратиле во Авганистан. Војникот, кој бил идентификуван од снимките од упадот во Собранието, брзо бил испратен во мисијата на АРМ во Авганистан.
„Истрагата прво се однесуваше на лицата сторители, учесници во насилствоото, меѓутоа, исто така, неопходно е истрага на оние кои сето тоа го организираа. Одреден број на податоци испративме до МВР, кои треба да откријат дали одредени високопозиционирани лица во министерството за одбрана се обиделе да го сокријат од правдата во Република Македонија и овој војник, праќајќи го во Авганистан“, изјави министерката за време на отчетот за 100-те дена Влада.
Шекеринска вели и дека е свесна за, како што кажа, силните притисоци за партизација од минатото, кои што ја намалиле мотивацијата кај професионалците во секторот, но вети дека професионализацијата на армијата ќе биде една од постојаните политики која што ќе биде важна за Македонија да биде членка на НАТО и да ја гарантира безбедноста на своите граѓани.