АД ЕЛЕМ по третата електронска аукција за тендерот за гумени ленти за транспорт на материјалот во РЕК Битола, која се оддржа денес, во рок од една недела ќе одлучува дали ќе поништи дел од јавната набавка и ќе распише нова.
На овој тендер учествува и комапнијата „Фероинвест“, каде еден од сопствениците е вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Од АД ЕЛЕМ информираа дека цените што биле понудени на денешната електронска аукција во четири од пет одвоени пакети, биле повисоки од планираниот буџет за набавка.
„Прифатлива е понудата само за еден лот, која што е дадена од компанијата ‘Репро Опрема’ од Блеград. Комисијата за јавни набавки на АД ЕЛЕМ ќе ја утврди фактичката состојба во текот на следната недела и ќе се изјасни за натамошните чекори во врска со овој тендер“, велат од АД ЕЛЕМ.
Од државната енергетска компанија објаснуваат дека според законот, една од можностите е да се прифати понудата за делот од набавката која е во рамките на предвидениот буџет, а за другите четири да се поништи тендерот и да се распише нов.
„Во тој случај веднаш ќе почне процедура за нов тендер, бидејќи предметот на оваа набавка е крајно неопходен за да може да тече производството во РЕК Битола“, велат од АД ЕЛЕМ.
Е. БОЧВАРОСКА