Владата на Никола Груевски за 10 години потрошила над 130 милиони евра за привлекување на странски инвестиции, од кои над 31 милиони евра за реклами во странски медиуми, а 12,5 милиони евра за рекламирање во домашни медиуми, стои во анализата за привлекувањето на странски инвестиции што ја објави денес Владата.
2,8 милиони евра како дополнителни бенефиции надвор од платата им биле исплатени на министрите кои биле задолжени за привлекување на странски инвестиции, како дополнителни приходи, станарини, закуп и друго. За таканаречените роуд шоуа на владата, министрите без ресор заедно со поранешниот премиер Никола Груевски потрошиле 5,6 милиони евра.
„Поранешната владата на домашните медиуми им платила 12,5 милиони евра. Зошто биле плаќани реклами за привлекување на странски инвестиции на македонските медиуми? На кој начин би можеле да привлечат странски инвестиции македонските медиуми?“, рече рече портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на денешната прес конференција.
„Економските промотори чија улога никогаш не беше јавно и транспарентно објаснета и беше во конфликт со македонската дипломатија, ги чинеле граѓаните на Република Македонија цели 12,5 милиони евра“, рече портпаролот Бошњаковски.
Пред два дена, Владата објави дека биле потрошение 225 милиони евра за влез на 25 странски компании, во кои се вработиле 20.000 луѓе. Според владината анализа, за секој вработен во странските компании, било плаќано по 11 илјади евра.
Г. ТРПЕНОСКИ