НЕ РАЗМИСЛУВАМЕ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВОЗРАСТА ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ ПО ПРЕПОРАКА НА ММФ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ

    НЕ РАЗМИСЛУВАМЕ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВОЗРАСТА ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ ПО ПРЕПОРАКА НА ММФ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИММФ предложи зголемување на пензиите само врз основа на реалните трошоци, а не со политички решенија како што правеше Владата на Груевски - министерот Драган Тевдовски со колешката од труд и социјала Мила Царовска (фото: Влада на РМ)

    „Апсолутно не размислуваме за зголемување на возраста за пензионирање“, одговори министерот за финансии Драган Тевдовски на прашањето дали Владата размислува за прифаќање на препораката на ММФ за зголемување на прагот за пензионирање како мерка за подобрување на состојбата на пензиските фондови.

    Во изјавата што вчера ја објави Канцеларијата на ММФ од последната мисија во Македонија се предлагаат реформи во пензискиот систем со пензионирање на постари години, поголема ефикасност во наплата на ДДВ и повисоко оданочување на имот и гориво.

    ММФ забележува дека ефикасноста на наплатата на ДДВ е влошена и значително пониска споредено со останатите земји од Западен Балкан, а Тевдовски вели дека потфрлувањето на приходите се однесува на првите шест месеци.

    „Има потфрлување споредено со 2016 и планот за годинава. Во јули и август веќе има подобрена наплата. И кај големите обврзници има простор за зголемена наплата”,изјави Тевдовски

    ММФ предлага токму подобрувањето на работењето на канцелариите за големи даночни обврзници и воспоставувањето на целосно функционална единица за управување со ризици. „Дополнителни добивки во приходите може да се остварат со повисоки даночни стапки на горивото, кои се меѓу најниските во регионот, како и кај стапките на оданочување на имот“, се вели во изјавата на Мисијата на ММФ која е усогласена со македонските власти.

    Тие предлагаат и намалување на тековните трошоци преку намалување на субвенциите и реформа на пензискиот систем.

    „Фискалниот простор во последниве години во голема мера се користеше за зголемување на субвенциите и пензиите.  Нетаргетираните субвенции треба да се намалат, а воедно треба да се заузди големиот и проширен дефицит во пензискиот систем преку подигнување на законската возраст за пензионирање, до просекот во земјите од ЕУ, затегнување на можностите за предвремено пензионирање, индексирање на пензиите само преку индексот на трошоците за живот, како и со воздржување од ад-хок зголемувањата“, предлага Мисијата на ММФ во Македонија.

    А. САЛТИРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира