Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Рио Фердинанд, ќе се испроба како професионален боксер, две години откако се повлече од фудбалските терени.
Стартот на новата кариера на 38-годишниот Фердинанд беше објавен од една обложувалница, која стои зад овој „проект“.
„Го правам ова заради предизвик. Имам освоено многу титули како фудбалер и сега целам на појас“, изјави Фердинанд, кој објави неколку видеоклипови на Твитер како вежба и се подготвува со својот личен тренер Мел Дин.
Фердинанд освои шест титули во Премиерлигата и една во Лигата на шампионите за време на својот престој на „Олд Трафорд“.
Ова не е прв ваков случај во англискиот фудбал, а најуспешен беше поранешниот играч од средниот ред на Бирмингам, Куртис Вудхаус, кој стана британски првак во суперлесна категорија.