МАРШ И ПРОТЕСТ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ НА 20 НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ ПОПЛАДНЕ ВО СКОПЈЕ

    МАРШ И ПРОТЕСТ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ НА 20 НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ ПОПЛАДНЕ ВО СКОПЈЕПочетокот на маршот е во 17 часот пред Влада од каде по булеварите Илинден и 8 септември, учесниците ќе се спојат со граѓански организации „Ние сме Карпош 4“ и „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ кои протестираат против уништувањето на зеленилото-Невладините организации вчера на прес пред Владата го најавија протестот (Фото:Меѓаши)

    Од Владата па низ булеварите низ Скопје денес граѓаните ќе маршираат за чист воздух. Маршот го организира Коалицијата за чист воздух О2 и Првата детска  амбасада  во  светот „Меѓаши“ заедно со уште 18 граѓански и невладини организации. На маршот ќе се приклучат и владини претставници.

    Почетокот на маршот е во 17 часот пред зградата на Владата од каде по булеварите Илинден  и 8 Септември, учесниците ќе се спојат со граѓанските организации  „Ние сме Карпош 4“ и „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ кои протестираат против уништувањето на зеленилото и бетонизацијата на општината.

    „Сметаме дека токму овој период е исклучително важен за да се чуе гласот на граѓаните кои буквално, во сите поголеми градови, Скопје, Тетово, Битола, Кичево, Струга, Куманово, Кавадарци директно ги чувствуваат последиците на токсичниот воздух. Овој период е особено важен пред  новите локални избори, сакаме идните градоначалници сериозно да го сфатат проблемот и заедно со централната власт да можат да превземат итни за решавање на проблемот“, изјави Ели Пешева од Коалицијата О2.

    Коалицијата О2 веќе испратила предлог мерки до Министерството за животна средина, а истите ќе им бидат доставени и на кандидатите за градоначалници, од сите партии.

    Истражувањата на Светската здравствена организација (СЗО) за 2012 година, покажаа дека аерозагадувањето во Македонија е причинител на повеќе од 2.836 смртни случаи годишно. Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во 2013 пак, смртта на 3360 лица ја препишува на изложеноста на ПМ  честици.

    Една од најпогодените категории од проблемите со воздухот се децата. Според Драги Змијанац, претседател Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, секое второ  дете се лекувало од респираторни болести кои најчесто се директна последица на загадениот воздух.

    „Загадувањето на воздухот, животната средина и природата е кривично дело и за последиците по здравјето на децата треба да одговараат сите кои на директен начин придонеле и се одговорни за состојбата“, вели Змијанац.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира