Лудите трансфери што го обележаа европскиот фудбал ова лето станаа тема и на Конгресот на УЕФА, што се одржа во Нион, Швајцарија.
Откако германската канцеларка Ангела Меркел ги повика највисоките фудбалски тела да стават крај на ова лудило, оценувајќи дека 200 милиони евра вредните трансфери се неприфатливи, и претседателите на ФИФА и на УЕФА, Џани Инфантино и Александер Чеферин, јавно побараа помош од политичарите во воведувањето нови правила на трансфер-пазарот.
„Сега е моментот за тоа. Имаме секое право да го направиме. Тоа е мојата цел. Постои цел арсенал правила со кои оваа игра може да се направи многу подобра“, изјави Словенецот Чеферин.
Само во летниот преоден рок, што траеше од 1 јуни до 1 септември, во Европа беа остварени трансфери во вредност од 3,93 милијарди евра, а на светско ниво, сумата изнесува над 4,5 милијарди. Кога Нејмар премина од Барселона во ПСЖ за 222 милиони евра, Чеферин вели дека биле поминати сите граници.
„Не можам да се согласам повеќе со Ангела Меркел. Има многу начини како да се воведе ред. Воведување на горната граница на трансфери, данок на луксуз и намалување на процентот за менаџерите се некои од можните решенија. Ние сме посветени да смениме нешто, но ни треба зелено светло од оние кои јавно ја осудуваат сегашната ситуација, а се уште со ништо не ни помогнале“, кажа Чеферин.
Вонредниот конгрес траеше само 50 минути и на него беше решено и Мадрид да биде домаќин на финалето на Лигата на шампионите во 2019 година.