ПРАТЕНИЦИТЕ НА ОДМОР ДО ЗАВРШУВАЊЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    ПРАТЕНИЦИТЕ НА ОДМОР ДО ЗАВРШУВАЊЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИПратениците шест дена расправаа за Законот за употреба на јазиците, кој што останува во фаза на прво читање. (Фото: О. Теофиловски)

    Собранието нема да заседава додека трае предизборната кампања за локалните избори, која што почнува во понеделник, и претседателот на Собранието Талат Џафери попладнево ги испрати на одмор пратениците. На денешната седница, веќе шести ден се расправаше за Законот за употреба на јазиците, кој што останува во фаза на прво читање. Џафери рече дека донел ваква одлука за да не има чувство дека по секоја цена сака да се постигне некоја цел.

    „По шестдневна успешна и плодна дебата, каде меѓусебна, каде меѓупартиска, решив да одиме на одмор. Најавив дека Собранието ќе работи до почетокот на кампањата за локалните избори. Со сите обиди на пратениците да го рефлектираат она за што и самите тврдат дека има потреба, од име на граѓаните да носат закони во интерес на граѓаните, тоа не се спроведе до крај. Се решив на ваков чекор за да не имам некое чувство дека по секоја цена некој сака да постигне некоја цел. Битно е дека како резултат на дебатата произлезе дека од интерес на граѓаните е и потребата за носење на соодветниот закон кој што е во редовна постапка и за кој што се надевам ќе продолжиме со дебатата по изборите“, рече Џафери.

    Исто така, тој им честиташе однапред на кандидатите за градоначалници и за членови на општинските совети кои што ќе добијат мандат од граѓаните на изборите на 15 октомври.
    „Посакувам мирна и успешна предизборна кампања и однапред на сите што ќе добијат мандат им честитам и се надевам на успешна и плодна работа по кампањата, по изборите“, додаде собранискиот спикер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира