ФИЛМОВИ ЗА БЕГАЛЦИТЕ И ОПШТЕСТВЕНА ХИПОКРИЗИЈА СЕ ЅВЕЗДИТЕ НА „МАНАКИ“

    ФИЛМОВИ ЗА БЕГАЛЦИТЕ И ОПШТЕСТВЕНА ХИПОКРИЗИЈА СЕ ЅВЕЗДИТЕ НА „МАНАКИ“Екипата на „Насоки“ на Стефан Командарев, бугарско-македонска копродукција, филмот што го отвори вечерва „Браќа Манаки“ (Фото: СДК.МК)

    Со македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на извонредниот македонски режисер Милчо Манчевски , а потоа и со премиера на бугарско-македонската копродукција „Насоки“  во режија на Стефан Караманов вечерва во Битола се подигна завесата на 38. издание на интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“. Годинава не гостува голема филмска ѕвезда, но затоа пак за првпат присуствуваат дури 10 кинематографери од 13 филмови кои се во главна конкуренција. Со тоа се исполнува мисијата на фестивалот, а тоа е да го велича делото на филмските сниматели, вели организаторот. Утре е најавено дека дојде српскиот актер Драган Бјелогрлиќ

    „За првпат имаме рекорден број на кинематографери од филмовите во главна компетиција, а би сакал да истакнам дека и годинешната компетиција Камера 300 е многу силна. За тоа сведочат самите филмови кои се суштински одраз на она што е најинтересно од креативноста на кинематограферите во филмови од најновата светска продукција, од различни генерации, главно селектирани од годинешните фестивали во Кан, Берлин и Карлови Вари“, рече Благоја Куновски-Доре, директор на фестивалот.


    На отворањето, наградата Златна камера 300 за животно дело му е доделена на францускиот кинематографер Пјер Лом (Фото: СДК.МК)

    На отворањето присуствува екипата на  филмот „Насоки“ со чија проекција официјално започнува и програмата од главната компетиција на фестивалот. Филмот претставува силна критичката опсервација на современото транзициски декадентно бугарско општество, со корупција и организиран криминал што се одразува погубно во атмосферата на несигурно живеење.

    И во останатите филмови во фокус се судбините на бегалците, семејни драми и општествени хипокризии. Така, во полскиот филм „Трага по дивеч“  на режисерката Агнешка Холанд  и кинематограферката Јоланта Дилевска,  прикажана е транзициската декадентност на полското општество во кое се борат последните мохиканци на загубениот морал. Снимателската Дилевска е гостинка на фестивалот во Битола.

    Уште една слична филмска приказна, а тоа е босанско-македонско-српско-словенечко-хрватската копродукција „Жаба“, во режија на Елмир Јукиќ, во која е прикажано ехото на траумите од војната по крвавото  растурање на поранешна Југославија. Снимател е  македонски  кинематографер со интернационално реноме Дејан Димески, кој во Битола на фестивалот доаѓа од Русија каде привршува со снимање на нов руски филм.

    Француската водечка кинематографија е застапена со два филма во главната компетиција, „Фелисите“ на Ален Гомис и кинематограферката Селин Бозон која ќе биде присутна во Битола, и „Нека влезе сонцето“ на кинематограферката Ањес Годар, со  актерката Жилиет Бинош.

    Дело на искусната француска кинематогрфаерката Годар е и филмот „Кога денот немаше име“  на сестрите Теона и Лабина Митевски во базична македонска продукција. Филмот е дел од главната програма, и македонската премиера ќе биде на 29 септември,  со што фестивалот го  промовира и домашниот филм.

    Во главната компетиција е и унгарски филм „Месечината на Јупитер“ на водечкиот режисер Корнел Мундрузо  и кинематограферот  Марсел Рев. Филмот во фокус ги има бегалците и игнорантскиот однос на Унгарија  кон нив.

    Фестивалот трае до 30 септември.

    Во документарната програма се очекува вниманието да го привлече филмот „Судењето: државата Русија против Олег Сенцов“ посветен на украински режисер Сенцов, кој уште е во затвор во Русија каде му се суди за велепредеваство.

    На отворањето, наградата Златна камера 300 за животно дело му е доделена на францускиот кинематографер Пјер Лом. Другиот добитник на наградата за животно дело, италијанскиот кинематографер Џузепе Ротуно не дојде на фестивалот поради својата поодмината возраст.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира