Почна антивладиниот протест во Скопје. Демонстрантите што ги организира граѓанската иницијатива Протестирам од пред зградата на Специјалното обвинитeлство (СЈО) планираат марш преку мостот Гоце Делчев до Уставниот суд, како „еден од симболите на неправда и корумпираност“, јавуваат репортерите на СДК.МК. Вечерва има значително помалку демонстранти од вчера.
Веќе дванаесетти ден демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција на политичарите против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и, формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
Уставниот суд на 16 март повторно му ја врати можноста на претседателот да помилува осуденици за изборни нерегуларности, педофили, наркодилери, како и лица осудени за дела против човечноста.
Претседателот Ѓорге Иванов ја искористи одлуката на Уставниот суд. На 12 април донесе одлука да помилува 56 политичари и нивни соработници против кои се води истрага, или се под сомневање дека сториле криминал кој произлегува од содржината на прислушуваните разговори.