Американската јавност со големо нетрпение го очекува претстојното објавување на илјадници досега невидени документи поврзани со атентатот врз Џон Кенеди во 1963 година, освен доколку претседателот Доналд Трамп не го блокира тоа.
Националната архива има рок до 26 октомври да ги објави преостанатите документи и ЦИА и ФБИ засега молчат дали ургирале кај Трамп да интервенира, за да останат тие затворени за јавност.
„Американската јавност има право да ги знае фактите или барем да знае зошто владата ги држеше сокриени сите овие години. Време е да се излезе во јавност со овие информации“, вели авторот на книга за Кенеди, професорот Лари Сабато.
Сабато и други истражувачи на оваа тема сметаат дека овие документи можат да дадат увид во патувањето на Ли Харви Освалд во Мексико непосредно пред атентатот, кога тој ги посетил советската и кубанската амбасада.
Во 1992 година, Конгресот донесе одлука дека сите документи мора да бидат објавени во следните 25 години, но претседателот има право да стави вето, доколку оцени дека тие можат да им наштетат на националните интереси.
Јавноста се уште нема видено над 3.000 документи, а 30.000 претходно биле објавени во ограничена форма.