МОРАМЕ ДА ПАТУВАМЕ ДО СКОПЈЕ ДА ГИ ЗАМЕНИМЕ КАРТИТЕ ЗА ВАРДАР ДО УТРЕ, РЕАГИРААТ НАВИВАЧИТЕ ОД ДРУГИТЕ ГРАДОВИ

    МОРАМЕ ДА ПАТУВАМЕ ДО СКОПЈЕ ДА ГИ ЗАМЕНИМЕ КАРТИТЕ ЗА ВАРДАР ДО УТРЕ, РЕАГИРААТ НАВИВАЧИТЕ ОД ДРУГИТЕ ГРАДОВИОд клубот велат дека се запознаени со реакциите на навивачите и размислуваат да го продолжат рокот за менување на билетите-навивачите по поразот од Зенит, влегоа на теренот и им честитаа на играчите за дебито во групната фаза од Лига Европа (Фото:СДК.МК)

    Ваучерите за блок билетите за натпреварите на Вардар во Лига Европа, навивачите мора да ги заменат со електронски карти до утре, соопштија од клубот.

    Навивачите од другите градови реагираат на ваквата одлука на клубот, бидејќи им се создаваат дополнителни трошоци за патување до Скопје. Билетите можат да се заменат само во просториите на фудбалската академија на Вардар, која се наоѓа веднаш до Арената „Филип Втори“, од 10 до 18 часот.

    „На првиот натпревар со екипата на руски Зенит, влегувавме со копија од ваучерите кои ги купивме по електронски пат. Сега бараат да ги замениме со електронски карти кои ќе важат за наредните два натпревари и тоа треба да го направиме во Скопје. Рокот е до 18 часот во недела, што е неизводливо. Зарем сакаат да ни пропаднат билетите“, се вели во писмото испратено до нашата редакција од навивачи на Вардар од другите градови.

    Од ФК Вардар велат дека се запознаени со реакциите на навивачите за менување на ваучерите со електорнски карти, и во текот на денот ќе најде решение како да им олеснат.

    „Размислуваме да го продолжиме рокот за уште некој ден. За жал менувањето на ваучерите со електронски карти не може да се случи на денот на натпреварот бидејќи според правилата на УЕФА на ден на натпревар не смее да се продаваат билети“, велат од клубот.

    Фудбалерите на Вардар за три недели односно на 19 октомври на домашен терен ќе го игра третиот натпревар во Лига Европа против шпанскиот клуб Реал Сосиедад. Во првите два натпревари Вардар беше поразен. На дебито во групната фаза на Лига Европа,на арената „Филип Втори“ загуби од Зенит со 5:0, а во четвртокот беше надигран и во Норвешка, од екипата на Розенборг, која забележа победа од 3:1.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира