Млада жена од Скопје обидувајќи се да абортира во осмиот месец од бременоста, со вагиналети за спонтан абортус за малку ќе умрела. Во средата ноќта на Клиниката за гинекологија таа дошла со силно крварење, со контракции и болки. Во разговор со дежурните лекари кажала дека употребила вагиналети за спонтан абортус, кои ѝ ги дал нејзиниот матичен лекар.
„Кажала дека матичниот лекар, кој е од Чаир, и дал пет вагиналети, кои се користат за спонтан абортус. Овие вагиналети не се регистрирани кај нас. Станува збор со млада жена, која била во 29-та недела од бременоста. Породена е спонтано. Поради силните контракции самото породување одело многу брзо и немало време да се даде инјекција за созревање на белите дробови на бебето. Поради силните контракции, оти сите вагиналети ги ставила одеднаш, бебето во одреден период останало без доток на крв. Родено е со ниска родилна тежина и несозреани бели дробови, по што наредниот ден, односно во четвртокот почина“, вели д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија.
Таа кажа дека лекарите одвај ја спасиле жената, бидејќи матката ѝ била пред прскање.
„Жената е во стабилна состојба и веќе е испишана од Клиниката. Даде писмена изјава дека вагиналетите ѝ ги дал матичниот лекар и дека сакала да го абортира бебето, бидејќи имала семејни проблеми“, вели д-р Јовановска.
Клиниката случајот веднаш го пријавила во Државниот санитарен инспекторат и во Министерството за здравство.
„И телефонски, а потоа и писмено ги известивме и Министерството и Инспекторатот. Понатамошна пријава до Министерството за внатрешни работи треба да поднесе Министерството за здравство, бидејќи во случајов станува збор за нелегален абортус. Овие вагиналети освен што не се регистрирани кај нас, тие не се даваат во волку одмината фаза од бременоста“, вели д-р Јовановска.
Е. БОЧВАРОСКА