Бројката од 1.200 пријавени случаи на семејно насилство врз жените во минатата година и потребата од отварање шелтер центри во секоја општина за жртвите од семејното насилство, не беа доволен мотив за голем дел од кандидатите за градоначалници од полошкиот регион да дојдат и да ја потпишат јавната заложба за заштита на жените и децата од различни форми на насилство.
Од 44 поканети кандидати за градоначалници од 6 општини од тетовско и 3 од гостиварско, овој документ, кој го изготви Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство, ја потпишаа само 9 кандидати за градоначалници. На потпишувањето на заложбата кое се одржа во Тетово, не присуствуваше кандидатот за градоначалник на Тетово од Движењето Беса Билал Касами, ниту Бардуљ Даути од ДПА, а ги немаше ни кандидатите на ДУИ и Алијансата за Албанците за Гостивар Невзат Бејта и Арбен Таравари како и уште четириесетина кандидати од овие и другите партиии.
„Беа поканети сите кадидатки и кандидати за градоначалници од општините кои влегуваат во полошкиот плански регион од сите политички партии. Ним навреме им беше доставена предлог политиката и што значи заложбата која што се очекува да ја искористат доколку бидат избрани за градоначалници на локалните избори. За жал не присуствуваа сите кандидати од политичките партии. Тие што ја потпишаа заложбата се обврзаа, доколку бидат избрани за градоначалници во своите општини, да ги почитуваат стандардите и препораките на Советот на Европа за воспоставување на специјализирани сервиси за жени жртви на насилство, се обврзаа да воспостават сервиси и да обезбедат финансиски сретства за нивна одржливот и се обврзаа да овозможат пакет на социјални услуги за жени кои што ќе пријават насилство и кои што ќе сакаат да ја напуштат насилната средина, како и отварање барем на еден шелтер центар на ниво на полошкиот плански регион“, изјави Елена Димушевска извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.